Максималистичките барања на Русија за Украина да ги повлече своите трупи од нејзините региони, заедно со бруталните напади, покажуваат дека Русија, а не Украина е пречка за мирот, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Москва, а не Киев, треба да биде предмет на притисок“, рече Сибиха.
Според него, главниот град на Украина доживеал особено страшна ноќ и веќе има извештаи за девет цивили убиени во Киев и повеќе од 70 повредени, меѓу кои и шест деца.
Сибиха истакна дека другите градови и заедници низ Украина биле погодени од руски ракети и беспилотни летала среде ноќ, при што се ранети цивили.
„Со своите постапки, а не со зборови, рускиот претседател Владимир Путин покажува дека не почитува никакви мировни напори и дека настојува само да ја продолжи војната. Слабоста и отстапките нема да го спречат неговиот терор и агресија. Само сила и притисок“, нагласи Сибиха.