Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, кое се однесуваше на страшната трагедија во Кочани, која однесе 62 млади животи и над 100 повредени и за која се води селективна истрагата и се штитат актуелни функционери.
„Почитуван премиере, измина повеќе од еден месец од страшната трагедија во Кочани, која однесе 62 млади животи и над 100 повредени. Доволен временски период да можеме да ги сублимираме првите заклучоци.
После повеќе од еден месец можеме јасно да заклучиме дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, дека не постои чувство на морална одговорност и затоа денес немаме ниту една оставка од морални причини. Ова е поразително за една влада после несреќа од вакви размери и со толкав број на изгубени човечки животи. Но за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема.
Вториот заклучок е водење на селективна истрага која во суштина треба да ги заштити сегашните носители на високи позиции во министерството за внатрешни работи, државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност.
Целокупното водење на истрагата само ја потврдуваат тезата за контаминираност на истрагата и обид со разводнување на истата да се прикрие директната одговорност на оние кои требало да превенираат и да спречат. Ширењето на истрагата со децении наназад е само обид да се задоволи јавноста за сметка на откривањето на директните виновници за пожарот во дискотеката.
Неуспешен ќе биде обидот да се префрли целосната вина единствено на лица кои се индиректно врзани за последицата и кои биле носители на одредени функции пред повеќе од 10 години, а во исто време да не се повикаат на одговорност оние кои направиле сериозни пропусти во моментот на случување на несреќата.
И тука уште еднаш ќе потсетам на сериозните пропусти кои ги има направено министерството за внатрешни работи во делот на обезбедување на настанот, имено МВР е директно одговорно за контрола на процесот на употреба и давање дозвола за користење на пиротехника во затворен простор што е директна причина за пожарот, МВР не подготвило официјален план за обезбедување на настанот, МВР не направило процена на ризик, МВР не презеле никакви активности за прекин на настанот иако утврдиле присуство на малолетници, употреба на пиротехника и тоа во клуб за кој биле должни да знаат дека не поседува валидна лиценца.
И наместо насочување на истрагата на директните виновници ние гледаме правно политички акробации кои се насочени кон задоволување на јавноста но не и на правдата.
Почитуван премиере, најмалку што должи оваа држава на семејствата на починатите, на повредените и нивните семејства е правда. Правда која ќе ги опфати и индиректните одговорни лица, но пред сè директно одговорните. Правда водена од словото на законот, а не од политиката.
Моето прашање за вас е дали свесното и тенденциозно разводнување на истрагата е со цел да се попречи правдата и да се заштитат актуелни функционери кои се директно виновни за непосредните причини за пожарот и страшните последици од истиот кои однесоа 62 млади животи?“, праша Трајчулевски.
Премиерот Мицкоски одговори дека истрагата за трагедијата во Кочани ја води јавниот обвинител а не Владата, тој кажува кои лица ќе бидат опфатени.
-За пет месеци од денеска ќе почне кампањата за локалните избори. Граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија политичка кариера продолжува и во каков формат ќе продолжи. Истрагата ја води јавниот обвинител. Не јас, и не Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат во истиот момент. Ако јавниот обвинител одлучи дека треба да одам во затвор, ќе одам, рече Мицкоски.
Како што додаде, не знае кои лица ќе бидат опфатени во истрагата, тоа е прашање кое треба да се постави до јавниот обвинител.
-Вкупно 68 лица досега се опфатени во истрагата, од страна на јавниот обвинител. За разлика од Модуларната болница, кога гореа живи луѓе, Ласкарци, Беса транс, каде што починаа 75 наши сограѓани. Тогаш имаше нула обвинети. Дали ќе останат 68 или ќе бидат 168 не знам, тоа ќе го каже Обвинителството, не јас. Не кажувам јас, не кажува министерот за внатрешни работи. Обвинителството, заедно со судот, одредуваат какви мерки и кои лица ќе бидат опфатени. Ако обвинител каже дека треба да апси и приведува високи владини функционери од оваа Влада, ќе се слушне тоа. На крајот од денот, еден член на Владата е во притвор. Во ваше време, тоа беше невозможна мисија, додаде Мицкоски.
Тој напомена дека постапуваат истите оние обвинители и судии кои се бирани од СДСМ.
-Во однос на тоа е должен да знае дали локалот има лиценца или не, тоа треба да го знае органот кој што го издава, поточно Министерството за економија. Имале лиценца, но тоа што не била легална е друго, како што не биле важечки и легални други лиценци издавани од овој орган. Околу постапувањето по налог на Обвинителството и судот, актуелен градоначалник е во притвор. Кога зборуваме за морал, етика и водење на истраги и постапување на истие, најмалку вие имате право да зборувате. Треба да ги оставиме семејствата и родителите, затоа што кај нив болката и тагата е огромна, напомена Мицкоски.