Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го отфрли тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека „Крим ќе остане со Русија“, истакнувајќи оти полуостровот и припаѓа на Украина.
– Нашиот став е непроменет: само украинскиот народ има право да одлучи кои територии ѝ припаѓаат на Украина. Според Уставот на Украина сите привремено окупирани територии … ѝ припаѓаат на Украина, на украинскиот народ, наведе Зеленски, пренесува Укринформ.
Тој додаде дека се согласува со Трамп дека „денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, но нагласи дека мнозинството земји ширум светот ја поддржуваат позицијата на Украина.
„Дури и оние земји кои постојано се во балансирање во односите меѓу нас и Русија, дури и сите тие го признаваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, вклучително и Кримскиот полуостров“, додаде претседателот Зеленски.
Зеленски, исто така, коментираше за аспирациите на Украина за членство во НАТО, нагласувајќи дека позицијата на земјата во моментов зависи од поддршката на земјите-членки на НАТО.
Изјавата на Зеленски уследи откако Трамп во интервју за Тајм, објавено денеска, изјави дека „Крим останува со Русија“.