Филип Аврамчев, поранешен директор на ЈУ „Универзална сала“ – Скопје, културен менаџер и еден од организаторите на меѓународната конференција за вештачка интелигенција AI Tech Summit, почина по кратко боледување.
Аврамчев беше препознатлив по својот ангажман во унапредувањето на урбаната културна сцена, а особено по проектот Skopje Light Art District, кој под негово раководство прерасна во едно од највпечатливите културни случувања во градот.
Роден во Скопје, образованието го стекнува во Македонија, САД (Оклахома), Грција (Атина) и Швајцарија (Женева). Кариерата ја гради на границата меѓу јавниот и приватниот сектор – како дел од тимот на Општина Центар во 2013 година, како директор на Универзална сала, но и како активен учесник во неколку приватни и технолошки иницијативи.
За неговата смрт се огласи и Либерално-демократската партија (ЛДП), чиј долгогодишен член и функционер беше:
„Со длабока тага и неверување се збогуваме со Филип Аврамчев, наш долгогодишен член и актуелен член на партиските органи на ЛДП, докажан либерал и наш истакнат активист и борец. (…) Филип ќе го паметиме по ведриот дух, непресушните идеи за подобро утре и моментите поминати заедно – како сопартијци, но уште повеќе како пријатели и партиски другари.“
Филип Аврамчев остави трага како човек со визија, кој умееше да ги поврзе уметноста, технологијата и урбаната енергија на градот. Неговата ненадејна смрт претставува голема загуба за културната и граѓанската сцена во земјата.