Највисоки цени на становите во Србија во четвртиот квартал лани се регистрирани во Белград, каде што најскапиот продаден стан имал цена од 11.668 евра за м/квадратен на локацијата Белград на вода. Највисока сума е платена за стан со вкупна површина од 342 квадратни метри, 2,6 милиони евра на истата локација, соопшти Републичкиот геодетски завод.
Најскапата куќа е продадена во белградската општина Савски венац за 3,4 милиони евра, а најскапиот гаражен простор е платен за 64.000 евра на територијата на таа општина на локацијата Белград на вода.
Вкупниот промет на пазарот на недвижности во Србија во четвртиот квартал од 2024 година изнесувал 2,2 милијарди евра, што е изедначување на рекордот од 2022 година.
Потпишани се 34.834 договори за продажба, со што е достигнато највисокото квартално ниво во изминатите две години.
Најголемо учество во вкупниот промет на недвижности има продажбата на станови (1,3 милијарди евра), со учество од 57 проценти.
За куќи се дадени 167,9 милиони евра (осум проценти од вкупната вредност), 163 милиони евра (седум проценти) за градежно земјиште, 108 милиони евра (пет проценти) за деловен простор и 73,4 милиони евра (три проценти) за земјоделско земјиште.
Купувањето на 11 проценти од недвижнините е финансирано со кредити, што е зголемување од четири процентни поени во споредба со истиот период од претходната година.
Во четвртиот квартал од 2024 година, бројот на договори за продажба се зголеми во споредба со истиот период минатата година во Ниш (43,6 проценти), Нови Сад (24,9 проценти), Крагуевац (20,1 процент) и Белград (15,5 проценти).