Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија не е потпишан, тврди поранешниот претседател Стево Пендаровски, реагирајќи на информациите за наводна ратификација на таков документ.
„Тоа што ни е дадено на увид и што е ратификувано во средата попладне, не е договор за стратешко партнерство“, вели Пендаровски за Дојче Веле.
Според него, содржината на документот повеќе наликува на меморандум за соработка или почетно писмо со намери, со кое двете влади идентификуваат четири области за потенцијална соработка.
„Не станува збор за ништо стратешко. Се работи за кредитирање на проекти кои допрва ќе бидат дефинирани, пред сè инфраструктурни, со финансиска поддршка од британска страна“, објаснува тој.
Пендаровски додава дека е можно во иднина да се потпише и вистински договор за стратешко партнерство, но нагласува дека документот кој сега е во игра „нема врска со никаква стратегија“, туку е „начелен договор допрва да се разговара што ѝ треба на Македонија за кредитирање“, истакнал Пендаровски за Дојче Веле.