На Фронтлајн, во 13 продолженија, го претставуваме романот „Кругови“ издание: „Или-Или“ на авторката Тина Иванова.
Ова е современа книга – новела која обработува неколку ликови коишто живеат надреален живот, меѓутоа чие поведение, е поттикнато од објективните општествени, политички и социо-културни случувања. Нејзината кружна симболика потекнува од ликовите коишто тргнуваат од едно место и повторно се враќаат на истото тоа место, без притоа да ја остварат целта што си ја замислиле – да ја изживеат сопствената револуција.
Како што ќе напише рецензентот на оваа книга, д-р Александар Прокопиев, „она што го одликува кусиот роман ‘Кругови’ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на ‘Кругови’ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.
„Кругови“, затоа што асоцира на почетокот и на крајот на животот, на повторното раѓање и повторно умирање.
1 ДЕЛ | 2 ДЕЛ | 3 ДЕЛ | 4 ДЕЛ | 5 ДЕЛ | 6 ДЕЛ | 7 ДЕЛ | 8 ДЕЛ | 9 ДЕЛ | 10 ДЕЛ | 11 ДЕЛ | 12 ДЕЛ
13 ДЕЛ
БЕТОВЕН
Мајка ми, додека прелистував едно најново списание за мода во нејзината книжарница, ми раскажа еден сон. Јас ги разгледував црните капути. Доаѓаше зима, бев бремена, а стомакот брзо ми се прошируваше. Требаше да се снабдам со нешто топло, ама и широко. Погледот ми запре на еден од сомот, со широки раменици, подзавиткани ракави и некакви џунџулиња на него, како што јас си ги нарекував. Не беше баш црн, како да беше прекриен со прав. Токму тоа ми се допадна.
„Марта, ова е машки капут, не е за тебе“, ми се смееше мајка ми.
Но, јас решив, таков ќе шијам. Ништо не ме збираше од облеката што ја имав, а и онака сакав отсекогаш да се облекувам како маж, ама како елегантен маж. Ми се допаѓаа темните, црните бои, строгите изрази, ладни навидум, но со прикриена сензуалност и топлина. Ете тоа.
„Го сонував Лудвиг ван Бетовен, замисли. Па, капутов што го гледаш ме потсети сега на сонот. Во соновник не постои толкување за Бетовен, ха, ха… Ама мислам, тоа ми дојде зашто цела ноќ се ѕверев во постерот од твојата соба. Ми недостигаш Марта, ретко те гледам, а кога те гледам како да те нема. Те чека сега поинаков живот, ќе ја здогледаш, конечно, убавината“.
Многу мразев вакви муабети, патетични. Како од турска серија, ама ајде, трпев колку што можев.
„Бетовен беше искачен на една планина, на врвот, гледаше далеку во хоризонтот, а јас му подавав рака да го спасам, зашто мислев дека сака да се самоубие. Ме погледна со едната веѓа нагоре, строго, и ми рече: Истај се жено, творам. Ми ја прекина највредната мисла. Јас упорно ја тегнев мојата рака кон неговата да го фатам, но не успеав, тој ме турна од другата страна и почнав да паѓам, да паѓам во невиден страв. Додека паѓав, Бетовен одгоре ми ја пееше:
Freude, schöner Götterfunken,
Tochter aus Elysium!
Wir betreten feuertrunken,
Himmlische, Dein Heiligtum.
Deine Zauber binden wieder,
Was die Mode streng geteilt,
Alle Menschen werden Brüder,
Wo Dein sanfter Flügel weilt.
Гласот негов беше сè посилен и посилен, сè попродорен. Потоа се разбудив, пред да паднам сосема. Ги знаеш таквите соништа, сите ги имаме, ама цел ден се чувствував како вистински да се случило тоа. Смешно малку, ама и чудно. Јас никогаш во животот ниту сум учела германски ниту сум го слушала Бетовен, иако ја знам Деветта, ама никогаш не ми паднало на ум да забележам некакви стихови или, уште помалку, да ги запаметам на друг јазик“.
„Оф, Боже, навистина си смешна, па тоа е само сон, заборави“, ѝ реков.
„Купив едно ќебенце за бебето, шарено, многу е убаво, извезено е со сини цветови. Ако е машко, а мислам дека е машко, така ми личиш“.
И навистина, носев машко, ама сакав да биде изненадување. И јас сосема заборавив кога си заминував дома на сонот на мајка ми. Размислував какво име да му дадам на син ми кој гордо го носев во утробата. Ми се залепи најмногу Тигар од малиот список што го имав. Тогаш решив, ќе се вика Тигар. Мислам дека и на Лена ќе ѝ се допадне.
На половина пат се сетив дека го заборавив ќебенцето. Се вратив кај мајка ми. Зимата надоаѓаше, дуваше силен ветер, веќе беше и квечерина и целото ѓубриште од плоштадот како да ме навјаса. Мајка ми си заминала. Уф, нема врска, ќе го земам утре. Се зачудив што толку брзо го затворила дуќанот. Ме шокираше, всушност, што дуќанчето, книжарницата, воопшто ја немаше. Почнав да се вртам, да барам, ме фати неопислива паника. Се прашував дали јас сонувам, дали сум во сонот што ми го раскажа мајка ми, дали е сето ова нормално, каде сум, која сум, како да се движев спротивно од струењето на ветрот, се вртев како вртлог, како временска машина, се вртев, се вртев како на рингишпил, со грутка во грлото, со патина во душата.
Во сон еден,
ме ежи ме стега
вечноста!
Колку ли бразди треба да минам
да личам жива!
Ме сопре звук од фанфари. Лимени дувачи маршираа околу коцката на плоштадот. Се славеше победата на Хики, кој всушност се викаше Франц. Франсоа Геринг. Реобновена победа со нови униформи, но со истите правила и закани. Надоаѓаше неговиот народ, толпа народ со пароли и знамиња. Негови двојници, личеа сите еден на друг, како близнаци, како Сара и Вања. Едниот лик во нормална состојба, што и да значи тоа, другиот извитоперен, крволочен, жеден за цицање. Го подигаа споменикот на Лудвиг ван Бетовен во невидени димензии. Следуваше химната на Европа со оркестарот на Светската филхармонија. Ми пукна водењакот.