Грбавите китови одамна се сметаат за интелигентни морски суштества, а нивното однесување во друштво со други морски животни е темелно документирано. Особено внимание привлекува нивната техника на лов, кога повеќе китови заеднички создаваат прстени од меури околу јата мали риби, за полесно да ги фатат. Оваа координирана стратегија поттикна прашања за можната комуникација меѓу членовите на групата.
Во 2021 година, научници од Институтот SETI иницираа т.н. „разговор“ со еден кит по име Твејн, користејќи подводен звучник за да емитуваат звуци на китови, на кои Твејн одговорил со слични вокализации. Во понатамошна студија објавена во 2024 година, истата група научници открила дека звуците кои грбавите китови ги испуштаат за време на ловот не се случајни, туку можат да бидат обид за давање насоки или пораки до останатите во групата.
Но, овие истражувања не ја опфатија доброволната интеракција на китовите со луѓето, ниту пак употребата на меурите надвор од контекстот на лов. Новата студија, објавена во списанието Marine Mammal Science од страна на научници од SETI и Универзитетот на Калифорнија, токму тоа го истражува.
Во студијата се документирани 12 случаи на создавање меурести прстени од страна на 11 индивидуални китови, вкупно 39 прстени, сите за време на доброволна интеракција со луѓе – нуркачи и бродови. Според научниците, овие меури не биле дел од ловечко однесување, туку обид за комуникација.
„Грбавите китови живеат во сложени општества, се акустички разновидни, користат меурести алатки и дури помагаат на други видови нападнати од предатори,“ изјави коавторот на студијата д-р Фред Шарп. „Сега, слично како што анализираме ‘сигнали кандидати’ од вселената, покажуваме дека овие китови создаваат меурести прстени во наша насока, можеби во обид за игрива интеракција, набљудување на нашата реакција, или директна комуникација.“
Терминот „сигнал кандидат“ се користи за радиобранови од длабоката вселена што се анализираат поради нивниот потенцијален интелигентен извор. Научниците ја споредуваат оваа комуникација на китовите со напорите за дешифрирање на вонземски сигнали.
Коавторката на студијата, фотографката Џоди Фредијани, вели дека вакви случаи се забележани кај китови од различни популации ширум светот. „Повеќето доброволно приоѓале до луѓе додека продуцирале меурести прстени, во моменти на очигледна љубопитност,“ истакнува таа.
Истражувачкиот тим Whale-SETI има амбиција да ги искористи сознанијата од оваа студија за да развие алгоритми за дешифрирање на сложени сигнали – не само за подобро разбирање на животинската комуникација на Земјата, туку и за евентуална идентификација на пораки од вонземски интелигенции, пишува Би-Би-Си.
Редакција Фронтлајн