„Фантазија“ е насловен концертот на отворено што Филхармонијата ќе го одржи в петок (13 јуни) во Градскиот парк од 20.30 часот, на кој ќе биде изведена музика од 20-ина познати анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, избор на композиции од „Малата сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Кралот лав“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“,„Приказна за играчките“ итн.
Диригент на концертот е Тимоти Редмонд од Велика Британија, а како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски. Музичката изведба ќе биде надополнета и со видеофрагменти од филмовите и со специјално осветлување.
Најавувајќи го концертот денеска на прес-конференција, директорот на Филхармонија Мустафа Имери рече дека е наменет за широк круг публика затоа што „музиката од овие филмови е безвременска, како и самите филмови со кои израснаа и сѐ уште растат новите генерации“.
– Волшебната атмосфера која извира од самиот наратив на приказните уште повеќе се потенцира и преку музиката која сама по себе претставува посебна независна приказна. Штом ќе ги слушнете песните, веднаш знаете за кој филм станува збор, тоа е потврда дека се работи за музички ремек-дела кои фунционираат и самостојно, како посебни фрагменти кои се врзуваат со овие филмови. Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“, во кој дејствието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски, рече директорот Имери.
Британскиот диригент диригентот Редмонд истакна дека светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика.
– Ова е музика која зборува со сите генерации, нѐ враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт во петок, рече Редмонд.
На прес-конференцијата присуствуваа и солистите Биљана Јосифов и Иван Наумовски кои истакнаа дека концертот е уникатна можност да излезат од класичните рамки на оперското пеење и преку нов израз да се претстават пред публиката.
-Фантастична оркестрација, ќе и приредиме на публиката нешто што досега не е слушнато. Како оперски пејачи, ние сиот израз, емоции и искуство го оставаме на сцена преку гласот. Песните не се воопшто едноставни за пеење, комплексни се, но во себе имаат една детска игривост кој изнудува насмевки на нашите лица додека пееме, рече бас баритонот Наумовски.
Сопранистката Биљана Јосифов додаде дека во некои композиции внесува оперски начин на изведба.
-Се обидов да внесам и свој препознатлив печат во изведбата на композициите, и некои од нив ќе бидат изведени на оперски начин, малку поинаку од нивната автентична изведба која сме ја слушале во филмовите, рече Јосифов.
Со овој традиционален концерт во Градскиот парк, Македонската филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од оваа концертна сезона.
Директорот Имери најави дека на 30 јуни оркестарот ќе гостува во Солун каде што заедно со музичарите од Софиската и од Солунската филхармонија уште еднаш ќе биде изведен заедничкиот проект – музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, премиерно изведена во февруари во Софија.
Филхармонијата ќе настапи и на отворањето на фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули, со пијанистката Клер Хуангчи и диригентот Едвин Оутвотер од САД, а од септември ќе ја почне новата концертна сезона.