Иако астероидот 2024 YR4 во моментов е премногу оддалечен за да може да се набљудува со телескопи од Земјата, вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА успеа да сними уште едно набљудување пред астероидот да исчезне од видик поради својата орбита околу Сонцето.
Дополнителните податоци ѝ овозможија на НАСА, односно на Центарот за проучување на објекти блиски до Земјата (CNEOS) при Лабораторијата за млазен погон (JPL) во Калифорнија, да ја прецизира орбитата на астероидот. Благодарение на информациите добиени од „Веб“, прецизноста за позицијата на астероидот на 22 декември 2032 е зголемена за речиси 20 проценти.
Како резултат на тоа, веројатноста астероидот да ја удри Месечината е малку зголемена – од првичните 3,8% на 4,3%. Сепак, дури и да дојде до удар, тоа нема да ја наруши орбитата на Месечината, потврдуваат експертите од НАСА.
При првичното откривање, астероидот 2024 YR4 имал мала шанса да ја удри Земјата. Но, со понатамошните набљудувања, НАСА утврди дека објектот не претставува значителен ризик за Земјата во 2032 и по тоа.
Според научниците, ваквите ревизии на веројатноста се нормални додека се добиваат нови податоци. Последните мерења беа направени во мај, со користење на блиско-инфрацрвената камера на „Џејмс Веб“, а со нив раководеше меѓународен тим предводен од д-р Енди Ривкин од Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џон Хопкинс во Мериленд.
Астероидот сега е премногу далеку за да се набљудува со какви било телескопи – ниту земјени, ниту орбитални. Но, НАСА планира повторно да го набљудува објектот во 2028 година, кога неговата орбита повторно ќе го доближи до Земјата.
Редакција Фронтлајн