Полскиот премиер Доналд Туск денеска ќе побара доверба во парламентот, само неколку дена откако конзервативниот политичар Карол Навроцки победи на претседателските избори, јави ДПА.
Гласањето, закажано за 10 часот (08:00 GMT), се смета за обид на Туск да ја зацврсти поддршката на неговата проевропска центристичка коалиција, во пресрет на тешка соработка со новиот претседател.
Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, е премиер на Полска од крајот на 2023 година. Неговата влада се обидува да ги поништи штетните судски реформи донесени во периодот 2015–2023 од страна на поранешната владејачка партија Право и правда (ПиС).
Претходниот претседател, Анджеј Дуда, блокираше многу закони на владата на Туск. Се очекува Навроцки да продолжи со истата практика, можеби и поостро, наведува германската новинска агенција.
Навроцки, 42-годишен историчар, не е член на ниту една партија, но доаѓа од редовите на ПиС, со поддршка од нејзиниот лидер Јарослав Качински – политичкиот противник на Туск.
„Премиерот треба да очекува силен отпор од претседателската палата“, порача Навроцки минатата недела.