Ако лошиот изборен резултат го гледате како важна лекција, ако ја слушнете пораката на вашите членови, но и на граѓаните, треба сериозно да се запрашате зошто во еден момент била изгубена довербата – дали е поради вашите политики, или вашите кадровски решенија. Во едно вакво сценарио постојат многу ,,зошто и затоа,,, но она што е најважно е да бидете реални, да ги надминете недостатоците и повторно да ја вратите довербата на граѓаните, вели во интервју за НоваТВ, Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.
Нова: Да се биде во врвот на партијата, во нејзиното најтесно раководство по еден вонредно лош изборен резултат и во време на најнизок партиски рејтинг, е храброст или лудост?
Најверојатно има од се по малку, но би кажала дека пред се е почитување и верување во социјалдемократските вредности, кои се основата на функционирањето на СДСМ. Сметам дека само тие се основа за правилен развој на државата, нудејќи социјална правда, економска еднаквост, демократија и владеење на правото, солидарност, одржлив равој…Она што е важно во овој момент е повторно сите да се вратиме на правиот пат и да ги почитуваме тие вредности.
Моето учество во овој процес е пред се врзано со мојата експертиза и долгогодишно административно искуство, особено во сферата на животната средина и комуналните дејности. Секако на врвот ги ставам и моите социјалдемократски вредности, желбата секогаш на секого да се излезе во пресрет и да се помогне.
Нова: Ако на есенските локални СДСМ со добар кумулативен резултат се извлече во криза, и актуелното раководство ќе ја зацврсти својата позиција во партијата, но ако тоа не се случи стравувате ли по Вашата политичка кариера, ќе и` биде ли тука крајот?
Почеток или крај на политичка кариера не се мери со резултат на избори. Ако придонесувате за општото добро, ако ги почитувате демократските принципи, граѓаните тоа ќе го препознаат. Она што е важно е интегритетот и чесноста, посветеноста на јавниот интерес, комуникацијата со граѓаните, но паралелно и стручноста и визијата која ја имате за општествените процеси, без разлика дали се централни или локални. Според мене секој политичар треба да почне скромно и да напредува со многу работа и знаење, но да остане доследен на своите вредности. На ваков начин ќе и помогнете пред се на државата, но и на партијата која Ви ја дала таа можност.
А да, верувам во подобри резултати на локалните избори. СДСМ покажува дека може уште повеќе и уште подобро!
Нова: СДСМ е во незавидна позиција по ланските парламентарни, можете ли нешто поотворено да кажете за тоа причините за лошиот изборен резултат, дали беше тоа само сервилноста спрема одредени хирови на кадрите од коалицискиот ДУИ или потфрлија и кадри од врвот на СДСМ кои беа на истурени државни функции?
Како раководство, не е баш голема среќа уште во првата година од опозициски мандат да се соочиме со избори и тоа, во очигледни авторитарни услови.
Ако лошиот изборен резултат го гледате како важна лекција, ако ја слушнете пораката на вашите членови, но и на граѓаните, треба сериозно да се запрашате зошто во еден момент била изгубена довербата – дали е поради вашите политики, или вашите кадровски решенија. Во едно вакво сценарио постојат многу ,,зошто и затоа,,, но она што е најважно е да бидете реални, да ги надминете недостатоците и повторно да ја вратите довербата на граѓаните. Но само со чесна работа, достоинственост и решителност. Некои би рекле дека од лош изборен резултат се учи многу повеќе отколку од победа, но само ако се има храброст за самокритика и волја за промени. Така се покажува политичка зрелост која јас во овој момент ја гледам во СДСМ. И да одговорам поконкретно на прашањето: имаше и внатрепартиска слабост и зависност во одредени моменти од коалициските партенери, спорот со Бугарија ја засени позитивната политика на СДСМ, особено во економските реформи и менаџирање со кризите, и најверојатно премногу внимание беше насочено кон ЕУ и НАТО и решавањето на историските прашања, што во одредени моменти доведе до занемарување на сервисните функции на државата и испорачување на услуги кон граѓаните.
Но една работа секако ќе ја потенцирам – СДСМ секогаш ги носело најбитните одлуки за државата. Последната беше влез на Македонија во НАТО алијансата. Во тие процеси нејзини политичари ги жртвувале и своите политички кариери, а партијата својот рејтинг. Земајќи во предвид какви се во моментов политичките состојби во Македонија, пред се владеењето на ВМРО -ДПМНЕ кое се карактеризира со сериозни недостатоци и негативни појави, особено на патот кон ЕУ и економската стабилност на државата, апелирам уште еднаш до нашите членови да се обединат, да ја вратат довербата преку темелни и искрени промени, и повторно да покажеме дека СДСМ е државотворна партија, чиј интерес се граѓаните и развојот на државата.
Нова: За секоја политичка партија е важна моралната чистота на нејзините кадри на истурените државни позиции па, од тој аспект, како денес, по ланскиот катастрофален пораз на парламентарните, гледате на Вашата лична но и на одговорноста на другите кадри на СДСМ распоредени на премиерски и на министерски позиции?
Многумина ме опишуваа како стручна и умерена личност, со технократски пристап, пред се поради големото искуство во ресорот кој го водев. Партнерите во процесот на заштита на животната средина посочија дека евидентно беше зголемена транспаретноста во работата на министерството, а дека проблемите се решаваа на прагматичен начин. Секако имаше и коментари, кои се секогаш добредојдени ако сериозно им пристапите и извлечете поука од нив. Мојот мандат беше краток, па одредени процеси кои ги започнав не успеав да ги завршам. Жалам што истите не продолжија да се реализираат со истата позитивна динамика.
Политичката, правната и моралната одговорност се индивидуални. Секој кој имал можност преку јавна функција да допринесе во развој на државата има одговорност за своите постапки. Земајќи во предвид со какви предизвици се соочуваше Владата предводена од СДСМ, сметам дека можеше подобро, и колективно и индивидуално, но и дека успешно се справивме со сериозни предизвици. Да не заборавиме дека граѓаните и компаниите добија директни субвенции во вредност од 2,6 милијарди евра во време на здравствена, енергетска и економска криза. Многу работни места и компании беа на овој начин помогнати и спасени.
Нова: Меѓу причините за толку лошиот изборен резултат на СДСМ беа, а меѓу широкото партиско членство тие уште се вртат, забелешките што на добитните места на изборните листи се најдоа и министри за кои и членството и широката јавност изразуваа незадоволство од нивната работа па имате ли ваш суд за оваа констатација?
Секој има право да критикува, впрочем живееме во демократско општество. Но зависи од кој агол гледате на незадоволството. Постојат многу позитивни перформанси, но секако за одредени работи можеше да се вложи малку повеќе внимание, за одредени процеси да се реализираат попрагматично во интерес на граѓаните и државата. Она што јас можам да го кажам како член на владата во која беа најголем дел од денешните пратеници е дека станува збор за квалитетни кадри, кои добро ја познаваат областа во која ја извршуваа својата функција. И можам да потврдам дека многу ми помогнаа и подадоа рака во моменти кога требаше да се носат одлуки кои беа од суштинско значење за животната средина.
Нова: Како Вие и како нејзин член, ја оценувате актуелната пратеничка група на СДСМ, колку е таа авторитетна во јавноста, кај партиското членство и посебно во врвот на партијата, во највисоките органи на СДСМ?
Соработката со пратеничката група мора да биде приоритет. Постои постојана координација помеѓу ПГ и раководството и дебата за сите отворени прашања, како основа за рефлектирање на политиките на партијата во јавноста. Искуството кое го носат со себе најголемиот дел од нашите пратеници помага во конзистентност и единство, особено при носење на важни законодавни прашања и поддршка на процеси кои се од интерес за државата.
За незадоволството кај одредени членови во СДСМ и реакциите на дел од членовите на партијата, сметам дека постојат тела во партијата каде треба да се кажат кои се корените на истите, и да се престане со квалификации, јавни препукувања и изразувања на незадоволство преку социјалните медиуми.
Нова: Ќе бидете ли кандидатка за градоначалничка и ќе бидете ли градоначалничка на Скопје веќе претстојнава есен?
Скопје заслужува градоначалник со визија и вредности кои граѓаните сакаат да ги гледаат во водењето на главниот град. Очигледно е дека многу работи во управувањето со Градот треба да се променат за да стане модерен, одржлив и европски.
Во дефинирање на политиките за претстојните локални избори активно учествувам, пред се поради повеќе од 25 годишното искуство во решавање на проблемите на животната средина, но и комуналните проблеми. Локалната самоуправа ја следам во целиот мој работен век, знам кои се недостатоците и кои се потребите на општините, вели потпретседателката на САДСМ Каја Шукова во интервјуто за Нова тв кое редакцијата ќе го објави утре во рубриката „Тема“.
Во моментов се одвиваат внатрепартиски процеси за избор на кандидати за градоначалници, вклучително и за кандидат за Град Скопје. Верувајќи во своите вредности и знаење, поднесов кандидатура за градоначалник, но партиските членови во транспарентен процес се тие кои на крајот ќе одлучат дали јас, или некој од останатите кандидати, како професор Ралев, за кој сметам дека е сериозно добар кандидат за позицијата, ќе биде номиниран за иден градоначалник на Град Скопје.
Нова: Како СДСМ, Ве загрижуваат ли рејтинг бројките на кои, како наближуваат локалните, често се повикува ВМРО-ДПМНЕ?
Она што во моментов е битно за нас е детерминирање на добри локални политики, кои ќе бидат дел од изборните програми на секоја од општините, вклучително и за Градот Скопје. Рејтинзите можат да влијаат на јавното мислње, но тие се само предвидување, а не реални резултати. Треба да ги следиме, но со критичка дистанца, бидејќи оние што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ се пристрасни и често невистините. Преголем фокус на рејтинзите може да доведе до губење на контакт со реалноста. Поважно е да се анализира контекстот и трендовите, одколку кој ,,само води,,.
Граѓаните на престојните избори треба да гласаат за вредности и реални локални политики, кои ќе го подобран нивниот квалитет на живот, ќе добијат подобри локални услуги, а тоа ќе го понуди програмата за локални избори на СДСМ. Треба да гласаат за кандидати кои своите програми ги темелат на повеќегодишно искуство и знаење, интегритет и чесност, вредности кои се многу побитни од партискиот предзнак. Тоа ќе биде портфолието на кандидатите на СДСМ за престојните локални избори.
Нова: Како во моментов ја оценувате кондицијата на партијата и, како партиско раководство, какви сигнали примате од теренот, од членството но и од граѓаните, има ли место за малку поголем оптимизам за локалните?
Единството е витално, бидејќи партијата е најсилна кога сите сме обединети. Последнава година пративме јасен сигнал дека вратата за дијалог е отворена за сите. Консолидацијата е процес кој претседателот Филипче, раководството, но и органите на партијата транспарентно го водат, преку отворени и лични разговори со членовите и поранешните функционери, преку јасна дистинкција помеѓу оние кои сакаат обедунување и оние кои ,,чекаат,, изборен неуспех. Сигналите од терен се позитивни, најголем дел од оние на кои им пристапивме ја прифатија подадената рака, оптимизам мора да има. Процесот на избор на најдобри кандидати за градоначалници е долг и не е едноставен, но едно можам да порачам – нема да ги разочараме граѓаните и го слушаме нивниот глас.
Ја враќаме поддршката од граѓаните со понуда на конкретни решенија за подобрување на животниот стандард. Како опозиција нудиме решенија за зголемување на минималната плата на 500 евра, и конкретните законски решенија за намалување на цените на основните производи. Нудиме решенија и за деблокирање на евроинтегративниот процес. Она што е жално дека ДПМНЕ во ниту еден момент не ја прифати подаданата рака, и работи само за сопствени партиски интереси, а на за интересите на граѓаните.
Нова: Како СДСМ и како Каја, имате ли збор, два за што би можеле да ја пофалите ВМРО-ДПМНЕ и оваа власт воопшто за нејзините изминати дванаесет месеци?
Ова е многу тешко прашање. Би сакала да потенцирам процеси кои се во интерес на граѓаните, но за жал се соочуваме со друга реалност. Секојдневно слушаме многу критики за нивната работа, многу неисполнети ветувања. Голем дел знаевме дека не се нереални, и голем дел од граѓаните полека сваќаат дека направија погрешен избор. Покажуваат очајни резултати на поле на економија и животен стандард, народот тоне во сиромаштија, не се исплаќаат плати и поврат на ДДВ навреме, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 500 евра, што е минимум за пристоен живот.
Додека индустриското производство и извозот паѓаат, инфлацијата од 3,3% го изеде стандардот, а цените на режиските трошоци се качуваат, додека странските инвестиции си заминуваат, а проекциите на Светска банка покажуваат најнизок економски раст во регионов, се трошат народни пари за да се луксузираат, а прескапи екскурзии во САД, ОАЕ и други држави не покажуваат никаков ефект. Нивните проценки за раст на БДП ќе бидат едно големо фијаско, а приказните за 4та економија во Европа немаат никаква врска со реалноста. Унгарскиот заем не покажа никаков позитивен ефект на домашната економија, а новиот заем од Обединетото Кралство е предизборен маркетинг, земајќи во предвид дека никој од проектите кои наводно ќе се финансираат со истиот, не се спремни за финансирање. Она што мене особено ме загрижува е слабата реализација на капитални инвестиции, и на државно , но и на локално ниво. Веќе сме на половина на фискалната година, а степенот на реализација е скромни 20%. Очигледно е дека покажаа и многу слаби каапацитети и како локална власт.
Ова е Влада со најслаб старт и најмногу скандали во краток временски период, а тоа се одразува и врз односите со нивните коалициски партнери. Незадоволството е големо и го гледаме секој ден.
Нова: ЕУ е се` подалеку, по недостижна, мислите ли дека владата на ВМРО-ДПМНЕ има план за Македонија без ЕУ или …?
Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема план ни за со ЕУ, ни без ЕУ, и тоа сериозно треба да ги загрижи граѓаните. Патот на Северна Македонија кон ЕУ под владеење на ДПМНЕ е блокиран процес, а сигналите од високите европски претставници се јасни.
Македонија беше пред сите држави во регионот на Западен Балкан, и во ист пакет со соседна Албанија, благодарение на ЕУ политика на Владата предводена од СДСМ. Во моментов Македонија е исклучена од сите планови и изгледите да бидеме опфатени со следниот бран проширување се никакви, а штетите ќе бидат повеќекратни. Особено на штета на младите кои ќе продолжат да се иселуваат од државата.
Она што треба да го разберат граѓаните е дека Македонија преговара со Европската Унија и секој спор кој би се појавил во иднина ќе се решава во рамки на Унијата, а не во билатерален однос со некоја од земјите членки на ЕУ. Погрешна е политиката на ВМРО- ДПМНЕ да го билатерализира спорот и на тој начин да ја закочи државата на патот кон ЕУ.
И со право најголем дел од граѓаните си го поставуваат денес прашањето: дали ДПМНЕ има воопшто идеја и начин на кој ќе го одблокира ЕУ интегративниот процес?
Нова: Ве разочара ли ВЛЕН со поддршката за ВМРО-ДПМНЕ во делот на не поддршката за уставните како услов за ЕУ преговорите, а како што на своите гласачи тоа предизборно им го ветија?
Сегашната власт е таа која го попречува нашиот пат кон ЕУ, а не уставните измени. ДПМНЕ и нивните коалициони партнери многу ветуваа, и за гаранции, и за одложено дејство, но ништо од тоа нема. Цената ќе ја платат сите граѓани, вклучително и подржувачите на ВЛЕН. Да не заборавиме дека и Планот за раст, и средствата кои зависат од реформите, ќе бидат доведени во прашање, затоа што ни на реформски план, оваа Влада ништо не презема. Изолацијата на земјата во новите геополитичките случувања, со сите предизвици, носи премногу ризици, особено на Балканот.
Актуелните случувања покажуваат дека власта не испорачува правда, ниту за трагедијата во Кочани, ниту за криминалот на урбаната мафија во Чаир, ниту за скандалите поврзани со компанијата ЛИДЛ во Куманово. И уште за ред други криминали, особено поврзани со тендерски шеми, на централно и локално ниво.
Нова: Постизборно, предизборно, сеедно, како политичарка но, пред се`, како граѓанка, како ја гледате Македонија, имате ли реален оптимизам за младите но не за десет, за дваесет години, тука за сега, за овој период, за овие генерации уште не иселени?
Оваа тема е сложена, бидејќи ја одразува борбата помеѓу реалноста, односно социо-економските предизвици и надежта за подобра иднина. Постои простор за оптимизам, бидејќи младите се се погласни и бараат системски промени, фер шанса и средина каде ќе бидат вреднувани. Доколку државата вложи во младите оптимизмот може да стане реалност – трудот, знаењето и вредностите можат да ја победат апатијата.
Она што ме радува и мене ми дава оптимизам е дека младите се повеќе стартуваат сопствени бизниси, има млад граѓански активизам (се зголемува интересот за праведност и социјални промени), многу млади имаат се повеќе имаат пристап до глобалните можности, има нова младинска културна и дигитална сцена.
Ако политичките фактори разберат дека младите во Македонија не бараат подарена шанса, туку еднаква шанса, ако политичкото влијание не е основа за напредок и успех на секоја една млада личност, ако системот ги препознае и вреднува нивните потреби и потенцијал, ако има квалитетно образование, фер можности за достоинствена работа, младите ќе останат во државата и ќе почнат да ја чувствуваат како поле каде секој со сопствен труд и прави вредности може да допринесе за подобра иднина на Македонија.
За да остане оптимизмот, СДСМ се залага за намалување на невработеноста и поголеми плати, за подобри перформанси на институциите, борба против корупција, политички клиентелизам и неправда, повеќе поддршка за иновации и претприемништво. СДСМ пренесува една јасна порака – младите не се само иднината на Македонија, тие се и нејзината сегашност!
Марија Тодоровска / НоваТВ