Политичките елити во Македонија формално ја поддржуваат идејата за една изборна единица за да не изгубат политички поени пред јавноста, но реално немаат интерес да ја имплементираат, затоа што, според познавачите на политичките збиднувања во земјата, со таков систем повеќе нема лесно да формираат влада и ќе зависат од пошироки коалиции.
– Моделите со повеќе изборни единици (како сегашниот со шест единици) ги фаворизираат големите партии, бидејќи распределбата на мандатите е понееднаква. Тие добиваат повеќе пратенички места со помалку гласови. Една изборна единица, со попропорционална распределба на гласовите низ целата територија, би дала повеќе простор за помалите партии и независните кандидати. Ова го загрозува монополот на големите партии и го намалува нивното политичко влијание. Големите партии можеби се плашат дека со таков систем повеќе нема да можат лесно да формираат влада или ќе зависат од пошироки коалиции. Со шест изборни единици, партиите полесно можат да манипулираат со кандидатските листи, ставајќи ги омилените кандидати во „побезбедни“ позиции. Една изборна единица со отворена листа би ја ослабнала контролата на партиските лидери врз редоследот и изборот на пратеници, анализира за Фронтлајн, Зуди Џелили – поранешен пратеник и поранешен кандидат за претседател на Македонија.
Според него, со една изборна единица, секој глас има еднаква вредност, без разлика во кој регион е даден.
– Една изборна единица создава можност за нови, помали партии со реална поддршка на терен, кои со сегашниот систем не успеваат да добијат мандати. Ова би ставило крај на доминацијата на само неколку партии и би го зајакнало политичкиот плурализам. Сегашниот модел со шест единици ги турка партиите да се фокусираат само на изборни единици каде што традиционално се силни, занемарувајќи ги гласачите во „етнички мешаните“ региони, потенцира тој.
„Бирократска калкулација, а не демократија“.
Вака претседателката и пратеничка на ЛДП, Моника Зајкова го нарече постојниот изборен модел, во обидот да ги убеди пратениците да го поддржат нејзиниот предлог за една изборна единица.
ЛДП го достави предлогот веднаш откако премиерот од собраниската говорница изјави дека би поддржале прекројување на изборните единици, но доби поддршка само од 19 опозициски пратеници.
– Не е фер гласовите на околу 30 до 40 илјади граѓани да одат во вода, само заради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот, рече Зајкова.
Сличен предлог помалите партии имаа и пред четири години, но и тогаш беше одбиен.
Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот дека е за една изборна единица, но министерот за локална самоуправа деновиве изјави дека не очекува тоа и да се реализира пред локалните избори.
Веднаш по одбивањето на предлогот на Моника Зајкова, на дневен ред беше ставен тој на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, за измени на Изборниот законик, со кои се бришат двата нови члена кои се однесуваа на поднесување на независни листи, а се вметнуваат и препораки на ОБСЕ ОДИХР.
Со новиот предлог, се враќа процентуалното собирање на потписи за локалните избори кои се движи од 100 до илјада потписи, но останува високиот праг од 3 ипол илјади потписи за Град Скопје.
Предлогот следи откако Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи на 1 процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица.
Дестан Јонузи