Последните случувања на Блиски Исток ќе бидат во фокусот на вонредниот состанок на владиниот совет за национална безбедност што попладнево го свика грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, како што информираа од неговиот кабинет, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно, од Министерството за надворешни работи на платформата Икс напишаа дека Грција внимателно ги следи алармантните случувања во поширокиот регион на Блиски Исток, посочувајќи дека секоја понатамошна ескалација „би можела да претставува значителна закана за регионалната и глобалната стабилност“.
– Ги повикуваме сите инволвирани страни да покажат максимална воздржаност, да избегнат воена ескалација и да ги искористат сите расположливи дипломатски канали и канали за дијалог. Меѓународната заедница мора да преземе итни мерки за да спречи регионално разгорување, напишаа на Икс од грчкото МНР.