Девет лица го загубија животот, а 26 се повредени во експлозија во фабрика за пиротехнички средства во централна Кина, јавија денеска државните медиуми, наведувајќи дека спасувачките операции продолжуваат во тешки услови.
Катастрофата се случила во индустриски комплекс во близина на Чангде, град во покраината Хунан, објави кинеското јавно радио ЦНР.
Радиото наведува дека спасувачките екипи се уште се на местото на настанот, опишувајќи ја како „сложена“ ситуацијата, бидејќи нови експлозии би можеле да ја спречат нивната интервенција.
Фабриката за пиротехнички средства Шанжу се наоѓа во планинската област на округот Линли северно од градот Чангде во покраината Хунан. Поради ризикот од понатамошни експлозии и недостиг на голем извор на вода во планинската област, работата на пожарникарите и потрагата по жртви е комплицирана, пренесуваат медиумите.