Израел им нареди на Палестинците да се евакуираат од делови од северна Газа пред зголемување на воените дејствија, додека американскиот претседател Доналд Трамп се залага за договор за прекин на огнот, пренесува Би-би-си.
На луѓето во населбите низ градот Газа и Џабалија им е кажано да се движат на југ кон крајбрежната област ал-Маваси, бидејќи израелските воени операции „се интензивираат и се шират кон запад“.
Најмалку 86 лица беа убиени како резултат на израелските напади во 24 часа пред пладне во недела, соопшти Министерството за здравство управувано од Хамас.
Три деца беа меѓу убиените во нападот врз таканаречената „безбедна зона“ ал-Маваси, рекоа нивните родители.
Трамп ги повтори повиците за „склучување договор во Газа“ и „вратување на заложниците“.
Во саботата, Трамп изјави на Truth Social дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е во процес на преговори за договор со Хамас „токму сега“.
Во меѓувреме, портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Авичај Адраи, во неделата изјави дека израелската војска дејствува во северна Газа „за да ги елиминира терористите и терористичката инфраструктура“.
Медицински лица и жители за Ројтерс изјавија дека бомбардирањата се засилија во Газа во раните утрински часови во неделата, уништувајќи неколку куќи.
Агенцијата за цивилна одбрана во Газа, предводена од Хамас, им соопшти на новинските агенции дека само во неделата загинале најмалку 23 лица.
Медицинските лица изјавија дека пет лица загинале во израелски воздушен напад врз шатор во кој се сместени раселени лица во ал-Маваси во близина на јужниот град Кан Јунис – област каде што на луѓето на север им било кажано да се евакуираат.
Д. Мишев / Цивил Медиа