Пишува: ФУРКАН САЛИУ
Од навреди кон турската заедница, преку навреди кон сопствените новинари и телевизијата каде што уредуваше вести, па сè до обвинувања за затајување данок и јавно признавање на силување, поттикнување меѓуетнички тензии и омраза кон западните партнери – оние кои практично ни помогнаа да создадеме држава… За Драган Павловиќ – Латас, децата треба да учат во училиште.
Тој ми беше главна мотивација да се запишам на новинарство, затоа што уште на млади години видов што може да направи злонамерното новинарство.
Поради неговата пропаганда и вести од типот: „Група Албанци претепале двајца Македонци“, мене и на моите другари младоста ни помина пазејќи го грбот – и во автобуси, и по градските улици. Поради таквите вести, и ден-денес се мразиме меѓу себе.
Поради она што го слушнавме во „бомбите“ за куртон вестите, денешните деца веќе не сакаат да станат новинари, а народот не’ става во иста група со политичарите.
Денес, во ерата на социјалните мрежи и технологијата, Лаки е ирелевантен. Ако тој ја прочита временската прогноза и каже дека денес ќе има сонце, 99% од луѓето ќе ја подигнат завесата – за да проверат.
На Лаки денес никој не му верува. Затоа мора да трча по подкасти кај своите поранешни работодавци – за да се наметне, за да го играат.
Но, не заборавајте – живееме во ера на социјални мрежи. Тие што денес се на власт, добро знаат како истиот овој Лаки се сврте против нивните сопартијци во најтешките моменти.
Кога веќе не си потребен – ни како потрчко – знаеш дека крајот е дојден, началниче.