По неуспешните продолженија „Fallen Kingdom“ (2018) и „Dominion“ (2022), изгледаше дека франшизата „Jurassic World“ е пред изумирање – сè до сега. Новото продолжение, Jurassic World: Rebirth, кое премиерно ќе се прикаже на 2 јули во САД и Велика Британија, а на 3 јули во Австралија, носи неочекуван пресврт и свежина што ја оживува серијата на начин каков што ретко се гледа во блокбастер франшизи, пишува Гардијан.
Зад новиот изглед на филмот стојат сценаристот Дејвид Кеп (David Koepp) и режисерот Герет Едвардс (Gareth Edwards), кои со одважна „рестартирачка“ структура ја игнорираат заплетканата и веќе заморна приказна од претходните делови. Филмот започнува со флешбек од пред 17 години, па потоа не носи во сегашноста, каде што диносаурусите се делумно прифатена појава, но претежно се исчезнати – освен на измислениот карипски остров Île Saint Hubert.
Централната заплетка се врти околу фармацевтска корпорација што сака да извлече медицинска корист од крвта на диносаурусите. Мартин Кребс, манипулативен корпоративец во интерпретација на Руперт Френд (Rupert Friend), собира специјален тим за да земе примероци крв од копнен, морски и воздушен диносаурус. Во тимот се Зора Бенет, поранешна војничка што ја игра Скарлет Јохансон, научникот палеонтолог д-р Хенри Лумис (Џонатан Бејли), и капетанот на бродот Дункан Кинкејд (Махершала Али), кој внесува харизма и хумор во екипата.
Филмот не штеди на класични моменти од „Јура светот“ – забавни сцени со изненадни средби со диносауруси, стереотипни ликови како охолиот чувар што завршува трагично, како и духовити моменти кои потсетуваат на старите летни блокбастери.
Особено се истакнува романтичната хемија меѓу Јохансон и Бејли, чии ликови носат емотивна длабочина, додека Бејли добива пофалби за интелектуалниот шарм што го внесе и во „Wicked“. Неговиот лик има и интересен коментар: интелигенцијата е преценета – глупавите диносауруси преживеале 165 милиони години, а луѓето засега само 300.000.
Иако не прави револуција во жанрот, Jurassic World: Rebirth нуди свеж и забавен пристап, со одлична глума, духовитост и визуелна раскош. Можеби ова е совршениот филм со кој би можела да заврши франшизата – со стил и забава, достојни за летен хит.
Редакција Фронтлајн