Членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што, Европската Унија е изградена на принципот на разноликост. Во таа насока, идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е нешто што го носиме во душите и нашите срца. Идентитетот, е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. Никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците, порача на прес конференцијата со премирот Мицкоски еврокомесарката, Марта Кос.
На прес конференцијата таа истакна и дека за Европската Комисија ситуацијата е јасна, доколку Северна Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот, што секако дека не е лесно, тогаш ќе започнеме веднаш со меѓувладината конфернција без било какви дополнителни политички условувања, порача Еврокомесарката Марта Кос, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, за барањата од Софија, освен уставни измени, да се усвојат и протоколите.
Прашана за тоа какви гаранции може да даде ЕУ на Македонија дека Бугарија нема да го билатерализира процесот понатаму, Кос нагласи дека нивната „политичка цел е да се отворат преговорите за Северна Македонија, по кластер 1 најскоро можно, штом ќе ги задоволи Северна Македонија релевантните критериуми, договорени со Советот, односно ќе ги имплементира заложбите да се извршат уставните промени“.