Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицковски, дадена за време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, во која најави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за лица кои не се во брак.
„Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода“, порачуваат од Мрежата.
Во нивната реакција се наведува дека ваквата идна мерка не само што би била ретроградна, туку и директно дискриминаторска.
„Ги крши човековите права, односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина“, посочуваат од Мрежата, дополнувајќи дека со ваква мерка „се стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности“.
Особено загрижува фактот што, според нив, ваквите идеи ги погодуваат младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се веќе социјално и економски ранливи.
„Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост“, стои во соопштението.
Мрежата потсетува и на уставната гаранција на приватноста: „Со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот“, при што додаваат дека и вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со истиот акт.
Особено загрижувачка, според нив, е политичката позадина на ваквите идеи.
„Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот“, се вели во реакцијата.
Како алтернатива, Мрежата повикува на креирање инклузивни и поддржувачки политики: „Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство.“
Нивната поента е јасна: „Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.“
Во завршница, Мрежата ја повикува Владата да се воздржи од дискриминаторски иницијативи.
„Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.“
На крајот од соопштението, во прилот, како компарација потсетуваат на Иницијатива на рускиот пратеник Андреј Гуруљов за воведување „данок за бездетност https://www.intellinews.com/
Ј. Ѓ.