Изборот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода да биде кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, доби остри критики од СДСМ, кои го обвинија за неработење, манипулации и политички опструкции.
Од партијата тврдат дека Ѓорѓиевски е најлошиот градоначалник во Скопје со реализација од само 20% од својата програма. „Освен секојдневно фотографирање и лажен ПР, Орце Ѓорѓиевски нема ништо реализирано во Кисела Вода“, посочуваат од СДСМ, додавајќи: „Доколку Ѓорѓиевски биде избран за градоначалник на Скопје, истата судбина го очекува и градот: лажен ПР, сликање и измислени проекти — исто како неговиот ментор Мицкоски.“
Во соопштението, СДСМ наведува и конкретни критики за состојбата во општината. „Кисела Вода е преполна со смет, урбанистички хаос и негрижа. Ѓорѓиевски, наместо да ги решава проблемите, целиот мандат го помина во расправии со Арсовска, која најсилно ја промовираше во изборната кампања пред четири години.“
Партијата упати и серија прашања до Ѓорѓиевски:
„Го прашуваме Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за Скопје: до каде се ветувањата што самиот им ги даде на граѓаните?“
Тие наведуваат и дел од нив:
-
„До каде е релокацијата на Центарот за зависници?“
-
„Каде е паркот што требаше да никне на тоа место?“
-
„Каде се ветените мегапаркови?“
-
„Каде се катните гаражи?“
-
„Каде се реновираните улици во Црниче, Бабин Дол, Припор, Кисела Вода и другите населби?“
-
„Зошто се дозволува бетонизација и соработка со ‘Усје’ за да се трујат жителите на Кисела Вода и цело Скопје?“
-
„Каде се ветените градинки освен една реновирана со донација од ‘Усје’?“
-
„Каде е противпожарната бригада на Кисела Вода?“
-
„Каде е паркот на Есенинова?“
-
„Каде е ветената пешачка патека?“
„Граѓаните се уморни од празни зборови и сакаат одговори и резултати. Овие прашања се само дел од ветувањата што останаа на хартија, а реалноста ја гледаме секој ден: запоставени населби, загаден воздух и урбан хаос“, реагира СДСМ.
Партијата обвинува дека Ѓорѓиевски бил директно вклучен во опструкции на функционирањето на Градот:
„Јавноста треба да знае дека Ѓорѓиевски стоеше директно зад протестите во ‘Комунална хигиена’, со што го блокираше претпријатието, а скопјани се давеа во смет. Тој беше предводник на блокадите на ДПМНЕ во градот, со цел ВМРО-ДПМНЕ да се ослободи од изборот на Данела.“
Дополнително, СДСМ го обвинува за вмешаност и во кризни ситуации поврзани со јавните претпријатија. „Орце Ѓорѓиевски стоеше директно зад сите конспирации за квалитетот на водата во Скопје, организираше паралелен и лажен синдикат во ЈСП и беше координатор на протестите на ЈСП. Ѓорѓиевски е директно одговорен за кочењето на градот, само затоа што на ДПМНЕ не му успеаја бизнис диловите со Арсовска.“
„Како претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски не мрдна со прст за дивоградбите во Чаир. Напротив, беше одговорен за кочење на новиот правилник за дивоградби, со цел да го заштити коалицискиот партнер Висар Ганиу“, додава СДСМ.
На крајот, од партијата порачуваат:
„Орце Ѓорѓиевски е партиски пиун и класичен извршител за партијата. Освен што ќе ги реализира бизнисите на Мицкоски, ништо друго нема да добијат граѓаните од него. На Скопје му треба градоначалник кој ќе работи за сите граѓани, не само за партиските интереси на Мицкоски. Некој кој ќе биде чесен и кој нема да го третира градот како приватна сопственост. На Скопје му треба човек кој стои зад своите ветувања, не кој се слика и води лажен ПР на сметка на неспособноста.“
Актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, е кандидат за прв човек на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори што ќе се одржат во октомври. На денешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утврдени се и кандидатурите за општините Гази Баба, актуелниот Бобан Стефковски, за Карпош Сотир Лукроски, кој доаѓа од приватнот сектор, за Лозово актуелниот градоначаник Бошко Цветкоски, за Пехчево, актуелниот градоначалник Александар Китански, за Ресен актуелниот Јован Тозиоски, за Зрновци исто така актуелниот градоначалник Борче Коцев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, истакна дека на изборите влегуваат како фаворит, а тоа, посочи, значи уште поголема одговорност да направиме повеќе, да работиме домаќински, да градиме општини и да носиме одлуки за важни прашања.
Мицкоски рече дека одлуката за Ѓорѓиевски се темели на анкетите кои покажуваат дека води убедливо дури и петпати повеќе во однос на решенијата што се споменуваат од СДСМ, како и на резултатите како градоначалник.
Поврзано:
(ВИДЕО) Орце Ѓорѓиевски кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ
Ј. Ѓ.