Пишува: ТОМ ХАРТМАН / The Hartmann Report
Историјата ретко се најавува себе си. Таа тивко се вовлекува, завиткана во јазикот на „закон и ред“, „национална безбедност“ и „патриотизам“. Но, одвреме-навреме, таа вреска.
Минатата недела, врескаше.
Доналд Трамп, кој сега повторно седи зад бирото „Резолут“ и неговиот секретар за домашна безбедност, Кристи Ноем, отворено му се заканија на Си-Ен-Ен со кривично гонење поради известување за постоењето и користењето на апликација — „ICEBlock“ — која ги известува недокументираните имигранти за операциите на Службата за имиграција и царина (ICE) во близина.
Оваа апликација, која е јавно достапна, и известувањето околу истата — исто така вкоренето во јавните записи — одеднаш се претставува како „закана по националната безбедност“.
Да бидеме кристално јасни за тоа што се случува: претседателот на Соединетите Американски Држави и неговата администрација се закануваат со затвор за новинари затоа што си ја вршат работата.
Ова не е само авторитарно флертување. Тоа е истрел низ лакот на американската демократија. И треба да го разбрани секој граѓанин кој сé уште верува во светата заштита на Првиот амандман и улогата на слободниот печат во нашата уставна република.
Постои причина зошто Основачите ја ставила слободата на печатот во самиот Прв амандман. Тие разбраа дека тиранијата не се најавува себе си со тенкови на улиците (иако Трамп ни го донесе и тоа, во Вашингтон и Лос Анџелес): таа започнува кога несогласувањето е замолчено, а вистината станува опционална. Кога владата добива моќ да одредува што е и што не е „прифатливо“ новинарство или граѓанско следење на владините активности, демократијата не само што се ниша – таа се урива.
Сме го виделе овој филм претходно
Во 1970-тите, Ричард Никсон состави „список на непријатели“ користејќи ги „ IRS “ и „ FBI “ против новинарите и политичките противници. Но, дури и Никсон —колку и да беше неславен— никогаш не се осмели да гони голема новинска мрежа за објавување јавно достапни факти или гордо најавување кривични истраги против поединци кои ја следат полицијата.
Во 1917 година, Вудро Вилсон го потпиша законот за шпионажа, законски акт подоцна искористен за затворање на дисиденти и потиснување на антивоените новинари за време на Првата светска војна. Херојот на Берни Сандерс, демократскиот социјалист Јуџин Дебс, беше фрлен во затвор поради протестирање против нашето учество во Првата светска војна и се кандидираше за претседател во 1920 година од неговата затворска ќелија.
За време на макартизмот во Америка во 1950-тите, новинари кои не ја следеле антикомунистичката линија биле ставени на црна листа, следени и принудени да ги нашуштати своите кариери.
Историчарите — па дури и часовите по историја во средно училиште — точно ги идентификуваат ексцесите на Вилсон и Макарти како ужасни моменти во нашето минато, моменти кои никогаш не треба да се повторат.
Но сега, во 2025 година, се враќаме на тоа време, но со сосема нов ѕвер: популистички авторитарен човек со отворен презир кон уставните ограничувања, охрабрен од култот на личноста и овластен од шест корумпирани републиканци во Врховниот суд кој му кажа дека може отворено да извршува злосторства без страв од гонење.
Оваа криза на демократијата ја влошува десничарскиот медиумски екосистем во сопственост на милијардери, кој повеќе не се ни преправаат дека ја кажуваат вистината.
Доналд Трамп не е единствен во историјата, но спојот на моќта, пропагандата и политиката – пост-вистината што тој ја отелотворува е опасно невидена во Америка.
Најстрашниот дел од оваа епизода не е тоа што Трамп ѝ се ззаканува на Си-Ен-Ен. Туку што секоја друга редакција во Америка сега го забележува тоа, а некои веднаш коленичат.
На пример, новиот претседател на Си-Би-Ес, Дејвид Елисон (син на милијардерот „МАГА ЛЕРИ“ Елисон) наводно само што му дал 15 милиони американски долари на Трамп и му ветил, според самиот Трамп, уште 15 милиони американски долари во национално „бесплатно рекламирање“ за неговата полна со омраза МАГА порака.
Кога претседател таргетира медиум поради известување за јавно достапна апликација или цитирање на анонимни официјални лица, ефектот не е само врз тој медиум. Тоа се одразува на секој уреднички одбор, на бележникот на секој новинар, на состанокот за буџетот на секој редакција.
Тие се прашуваат: Дали треба да ја објавиме оваа приказна? Дали ќе бидеме тужени? Дали нашите репортери ќе бидат повикани на суд? Дали вреди цената, ризикот или дури и маката?
Ова е „ефектот на обесхрабрување“ на дело. И токму тоа го сакаат авторитарците, а диктаторите го добиваат.
Тие не треба да го затвораат секој новинар, па дури ни секој демонстрант или опозициски политичар; во Русија има само околу 1.500 политички затвореници, земја со население од 143 милиони. Тоа е сé што му требаше на Путин за да ги заплаши печатот и политичката опозиција — и луѓето на улиците — да молчат.
Прашајте ги новинарите и активистите во Мексико, каде што заканите и насилството ги замолкнаа цели весници. Или во Русија, каде што еден закон го криминализираше известувањето за зборот „војна“ за да се опише инвазијата на Украина и целиот национален печат веднаш се поклони. Или во Унгарија, каде што Виктор Орбан ги претвори независните медиуми во владини гласноговорници. Секогаш започнува на ист начин: со „исклучоци“, „истраги“, „национална безбедност“ и „лажни вести“.
Звучи познато?
Ајде да зборуваме за тоа што всушност објави Си-Ен-Ен. Таканаречената апликација „ICEBlock“ не беше тајна алатка на Пентагон. Јавно е достапна за преземање. Ги информира недокументираните имигранти — од кои многумина живеат и работат тука со децении — за тоа каде би можело да се случат рации на „ICE“. Знаете, на истиот начин на кој „Waze“ им кажува на возачите каде има полициски контроли на патиштата за брзината.
Си-Ен-Ен и Њујорк Тајмс исто така известија за внатрешните дискусии на американската влада за воените операции во Иран, повторно, врз основа на информации што веќе циркулираа низ Вашингтон, а делумно протекоа од самите службеници. Тоа не беше ништо што би го шокирало ајатолахот.
Но, Трамп виде наслов што не му се допадна, а Ноем виде политичка можност да игра строг полицаец во однос на имиграцијата. Па сега, наместо да дебатираме за имиграциската политика или стратегијата за Блискиот Исток, зборуваме за затворање на новинари и тужење на новинарски куќи.
Дзволете да го повторам тоа: затворање на новинари. Не притисок врз нив. Не нивно критикување. Нивно гонење.
Еве ја работата. Сé што му треба на Трамп се неколку амбициозни обвинители, расеан електорат и медиуми кои се премногу исплашени — или премногу загрижени за својата заработка — за да возвратат.
Ова е авторитаризам во дизајнерско одело. И веќе е тука.
Десничарски милијардери ги купија локалните весници и радиостанци, претворајќи ги некогаш независните гласови во мегафони за теми за разговор на МАГА. „Граѓанските новинари“ на социјалните мрежи — и руските трол фарми — механички кажуваат теории на заговор генерирани од ботови подобрени со вештачка интелегенција, кои потоа се засилуваат со тајни алгоритми. Линијта меѓу „вести“ и „пропаганда“ се замагли до непропознатливост.
Во меѓувреме, вистинските истражувачки новинари — оние кои навлегуваат во владината корупција, уништувањето на животната средина и злоупотребата на полицијата — се под постојана закана. Финансиски. Правно. Понекогаш и физички.
Само прашајте ги новинарите кои беа застрелани или уапсени за време на протестите „Животот на црнците е важен“. Или оние што ги надгледува „ICE„ за откривање злоупотреби во притворните центри.
Ова не се работи за Си-Ен-Ен. Се работи за тоа дали вистината сé уште има место во американскиот разговор.
Ако оваа закана за гонење успее — било преку вистински обвиненија или преку заплашувањето што го предизвикува — последиците ќе бидат драконски.
— Укажувачите ќе замолчат. Зошто да се откриваат докази за владини злоупотреби ако новинарите кои ги објавуваат се влечат на суд и се принудени да ги откријат своите извори?
— Истражувачкото новинарство ќе овене. Зошто да се инвестира време и пари во известување ако правните ризици се поголеми од губењето на работата или одењето во затвор?
— Граѓанското незнаење ќе расте. Без доверливи извори на информации, граѓаните се свртуваат кон сé што ги потврдува нивните пристрасности: „YouTube“ измамници, „Twitter“ тролови или државна пропаганда.
— Корупцијата ќе цвета. Од корпоративни загадувачи до расистички шерифи и маскирани државни агенти, најлошите меѓу нас цветаат во темнина.
Вака умираат демократиите, не со тресок, туку со закана и неколку поединци или организации уништени за да „ги направат пример“.
Па, што да правиме?
Прво, бараме секој член на Конгресот — демократ или републиканец — јавно да ја осуди оваа закана против Си-Ен-Ен. Молчењето е соучесништво.
Второ, ги повикуваме нашите судови да го бранат Првиот амандман со потребната жестина. Печатот мора да остане слободен од владиното заплашување, или нема да биде навистина слободен.
Трето, ние го поддржуваме незвисното новинарство со нашите паричници. Претплатете се. Донирајте. Споделете ги нивните приказни. Корпоративните медиуи нема да нé спасат. Ние луѓето, мораме.
Четврто, се организираме. Не само околу слободата на печатот, туку околу секој меѓусебно поврзан столб на демократијата што е под закана: правото на глас, судскиот интегритет, еколошката правда и да, имиграциската реформа вкоренети во соучество, а не во суровст.
И конечно, се сеќаваме: Основачите ни дадоа патоказ. Ние, народот, сме крајната контрола врз тиранијата.
Но, само ако се појавиме. Само ако проговориме.
Денот 2 јули 2025 година, кога Трамп ја упати таа закана, ќе остане запаметен како мрачен ден во американската историја, освен ако не одлучиме да го направиме пресвртница.
Нападот на Трамп врз печатот не е споредна претстава. Не е одвлекување на вниманието. Тоа е целата игра. Контролирајте го наративот и ќе ја контролирате земјата. Замолчете го несогласувањето и можете да направите сé.
Американскиот експеримент преживува само додека ги браниме институциите што го овозможуваат. А слободниот печат не е само една од тие институции: тоа е првата линија на одбрана.
Значи денес, стоиме зад Си-Ен-Ен. Утре, можеби ќе биде „Про-Република“. Или „Mother Jones“. Или вашиот локален весник. Или ова гласило.
Кога вистината станува злосторство, тогаш сите сме злосторници. И во тој случај, гордо велам: сепак печатете ја вистината.
Нека дојдат.
Превод: Н. Цветковска / Цивил Медиа