По околу две недели под контрола е ставен пожарот кај Бешиште, Мариово до грчката граница.
Заменик-командирот во прилепската противпожарна единица, Виктор Стојчески истакна дека овие денови гори мешана шума и оти се правеле пристапни патишта за да се локализира пожарот. На теренот се екипи од ЈП „Национални шуми“ од Прилеп, Кавадарци и Битола.
-Пожарот кај месноста Жерлезна Врата, близу до границата со Грција во Мариово е ставен под контрола, локализиран е во еден непристапен дел на шума од бор и бука. Приземен пожар е, вработените во ЈП „Национални шуми“ ги чистеа пристапните патишта за да не може пожарот да се шири. Моментачно таму работата ја презедоа вработените во „Национални шуми“ од подружниците во Прилеп, Битола, Кавадарци, рече Стојчески.
Прилепските пожарникари овие три дена се обидуваат да ги локализираат штетите што ги прави депонијата кај селото Дебреште во Општина Долнени. Во текот на овие денови, пожарникарите четири пати интервенирале, последно во текот на денот и се стравува дека оваа депонија може да биде проблем во наредниот период.
-Лани еден месец беснееја огновите на депонијата кои го зафатија блискиот рид и пожарникарите мораа да спасуваат манастир. Во моментов ситуацијата е мирна и под контрола, вели Стојчески.