Уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула се враќа на уметничката сцена со нова самостојна изложба насловена „Flora Imaginarium“, која ќе биде отворена на 18 јули (петок) во холот на Националната опера и балет.
Изложбата е резултат на двегодишна работа на проект за еден познат македонски бренд, кој Кардула го трансформира во визуелна уметност.
„Чест ми е да ве поканам на оваа изложба по подолго време. И покрај топлото време, се надевам дека ќе уживате“, напиша Кардула во својата најава.
Изложбата е отворена за јавноста и претставува можност публиката повторно да се запознае со препознатливиот уметнички израз на Кардула, кој со години наназад остава значаен печат во македонската графичка и визуелна култура.
Зоран Кардула е еден од најпознатите македонски графички дизајнери и уметници, чие дело комбинира поп-арт, минимализам и силни симболички пораки. На јавноста ѝ е особено познат по сериите илустрации „Војна на ѕвездите и Македониум“, кои пренесуваат трансвременска енергија споена со современиот македонски симбол во Крушево, споменикот Македониум.
Зоран Кардула беше прогласен за прв витез на културата на ЦСЛУ за 2022 година во Прилеп.
Неговите дела досега биле изложувани на повеќе самостојни и групни изложби, како во Македонија, така и во регионот и светот. Познат е и по ангажираниот графички активизам, во кој преку уметноста коментира општествени и политички теми.
Со изложбата „Flora Imaginarium“, Кардула отвора ново поглавје во својот творечки опус, каде во фокусот е естетиката на природата, но преку филтерот на имагинацијата и дигиталниот медиум.
Ј. Ѓорѓиоски