Во германската престолнина денеска започна високопрофилно судење против 40-годишен лекар специјализиран за палијативна нега, кој се товари за убиство на 15 пациенти. Случајот предизвика силна медиумска покриеност и бурни реакции во јавноста.
Лекарот е обвинет дека помеѓу септември 2021 и јули 2024 година усмртил 12 жени и тројца мажи, на возраст од 25 до 94 години, со „смртоносна мешавина од различни лекови“, се наведува во обвинението, пренесува ДПА.
Паралелно со судскиот процес, јавните обвинители во Берлин водат истрага и за десетици други сомнителни случаи поврзани со истиот лекар.
Берлинскиот регионален суд закажал вкупно 35 рочишта кои ќе се одржуваат до јануари 2026 година. На судењето како заеднички тужители учествуваат и најмалку 13 членови на семејствата на починатите пациенти.
Се очекува да сведочат околу 150 сведоци.
Обвинетиот ги извршувал делата додека бил вработен во служба за домашна нега во Берлин.
Адвокатот на обвинетиот, Кристоф Штол, изјави дека неговиот клиент засега нема да даде изјава пред судот.