Одбраната на еден од обвинетите членови на криминалната група Грчец за трговија со дрога најави жалба на првостепената пресуда.
Бранителот на Неџати Исени, кого Судот денеска го прогласи за виновен за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“ и го осуди на казна затвор од пет години, адвокат Ангел Ѓорѓиев во изјава за медиумите рече дека главни аргументи во жалбите кои што ги најавуваат, ќе биде, како што вели, незаконитоста на доказите од апликацијата Скај и самата содржина, која асполутно не делувала уверливо.
-Ја слушнавте денешната објава на пресудата. Процесот траеше во една апсолутно коректна атмосфера и законско постапување на сите субјекти во овој процес, но остана една дилема која што ќе не прати наредниот период, а тоа е она што цело време одбраната како силен правен аргумент го експлатираше, а тоа е проблематизирање на законитоста на обезбедните докази по пат на користење на апликацијата Скај ЕЦЦ, односно на екриптирани телефонски броеви и апарати, изјави Ѓорѓиев.
Според Ѓорѓиев, ова е прашање не само на нашата земја, туку и на цела Европа и многу други земји.
-По однос на ова прашање ставовите се апсолутно поделени и контраверзни. Ние целиме искрено согласно последната одлука на регионалниот суд во Берлин, со која што не беше прифатена законитост на овие докази и беше донесена ослободителна пресуда дека апсолутно овие докази се обезбедени на незаконит начин. Не само тоа што го тврдиме, него имаме силен аргумент, а тоа е затоа што француските власти без европски истражен налог уапднаа на хакерски начин во вториот сервер во Лион, од каде што ги екстрахираа сите овие податоци, кои што се потоа дистрибуирани до различни држави во цела Европа и каде што се иницирани слични постапки врз основа на овие податоци, изјави Ѓорѓиев.
Самата содржина на овие податоци кои беа изведени, според Ѓорѓиев, апсолутно не делувале уверливо, ниту значеле некаков материјален и било каков доказ, што упатува на вина на обвинетите.
Судијката Фанка Јанчулова Михаиловска, при објава на пресудата денеска рече дека, во однсо на реакциите од одбраната на дел од обезбедените докази преку апликацијата Скај, Судот, како што објасни, ги прифатил бидејќи биле добиени со меѓународна правна помош од Франција.
Вкупно 50 и пол години затвор добија шестмина членови на криминалната група Грчец, уапсени во јануари минатата година, од кои четворица за инволвираност во неовластено купување на 15 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава, додека двајца за злосторничко здружување со цел вршење на кривично дело двојно убиство од одмазда и по порачка.
Основниот кривичен суд Скопје денеска ги прогласи Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани за виновни за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од чл.215 ст.3 од Кривичен законик. Бајрамовски, Азири и Исени се осудени на казна затвор пет години, додека Бесим Асани шест години казна затвор.
Останатите двајца Судот ги прогласи за виновни дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394 ст.3 и Убиство од чл.123 ст.2 т.5 од Кривичен законик. Фати Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од една година и шест месеци за делото Злосторничко здружување и 14 години затвор за делото Убиство или на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци, додека Шулејб Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од две години за кривичното дело Злосторничко здружување и 14 години за делото Убиство или на една единствена казна затвор од 15 години.
Групата не дејствувала инцидентно, туку континуирано и тоа најмалку од јуни 2019 до март 2021 година и во истрагата биле опфатени 15 лица, меѓу кои сега дел се починати, а дел се уште се недостапни на органите на прогон.