Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека повеќе оддели во рамки на МВР – организиран криминал, крим полиција, СВР Скопје во текот на вчерашниот ден влегле во повеќе општини во рамки на Град Скопје при што постапуваат по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а поврзано со бесправна градба.
– Доколу се утврди дека се работи за дивоградба и доколку се утврди дека истата преставува опасност за животото на граѓаните секако дека треба да се урива, рече министерот Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Од СДСМ велат – Скандалозна е изјавата на министерот Панче Тошковски дека дивоградбите кои се повеќе од 150 во Чаир ќе се урвале „ако се опасни по живот“. Оттаму прашуваат – Што сака да каже Тошковски, дека дивоградбите кои неговите институции ќе ги утврдат како неопасни по живот може слободно да продолжат да се градат?
„Откако со месеци не постапуваше при чист и очигледен криминал и молчеше, сега конечно Тошковски најде начин како да го одбрани нелегалниот бизнис на неговите коалициски партнери па ги подели дивоградбите на опасни и неопасни. Вакво релативизирање и одбрана на криминалот може да се нарече слободно историски како што милува неговиот шеф Мицкоски. Со оваа изјава, Тошковски всушност призна дека законот не важи подеднакво за сите. Наместо да покаже дека државата има ред и закон, тој сега конечно најде изговор за да ги спаси тие што му се политички блиски.
Дивоградбите се симбол на беззаконие, на корупција и на договори под маса. Со вакви ставови, Тошковски испраќа порака дека криминалците може мирно да спијат. Тој е тука да најде начин како да ги заштити. Тоа е навредливо за сите чесни граѓани кои плаќаат даноци и чекаат дозволи за градба“, се наведува во реакциата од СДСМ.
Ј. Ѓ.