Пишува: ЗОРАН РИЧЛИЕВ
Во пеколот на незамисливата загуба, таму каде што зборовите се губат во темната празнина, родителите на 62-та млади животи згаснати во кочанската трагедија побараа средба со премиерот. Не за да добијат утеха која знаат дека никој не може да ја даде, туку за правда, помош во нивната голгота. За „Кочани“ да не ни се случи никогаш повеќе.
На 40 степени, смогнаа сили и секој со превоз како ќе се снајде, за свој грош, шеесетина родители и роднини земаа слободен ден од работа и пропатуваа стотина километри од Кочани до Скопје за средба со премиерот, кој од „безбедносни причини“ не можеше да ја помине истата дистанца, удобно седнат во службената лимузина, во обратна насока.
Наместо емпатија и разбирање, од состанокот излегоа со уште една рана – рана на достоинството.
Според сведоштвата на родителите во соопштението на „Здружението 16 март 2025 Кочани“, на средбата одржана во Владата одекнале зборови кои ниту еден родител никогаш не би смеел да ги слушне: „Одредете си цена за вашите деца“. Реченица која како пожар сува трева уште еднаш ги изгоре срцата на роднините. Реченица која ќе одекнува засекогаш како уште една смрт – смрт на човечкото достоинство и емпатијата.
Владата, наместо искрено извинување, реагираше со класична не-извинувачка формулација дека жали за „впечатокот што го добиле родителите“. Во ова соопштение, со наслов кој длабоко понижува – „Злоупотребата на болката не носи правда“ – владата ја префрла вината врз оние кои се веќе повредени и скршени од болка. Со овој чин, таа имплицитно ги обвини родителите за злоупотреба на сопствената, најдлабока и најинтимна болка.
Овде мора гласно да прашам: Дали Владата навистина верува дека зад солзите и барањата за правда се крие политичка тенденција или личен интерес? Дали Владата сака да каже дека родителите кои ги погребаа своите деца ја злоупотребуваат својата трагедија?
Наместо да покажат безусловна емпатија и да ја прифатат институционалната одговорност, владините претставници избраа да се позиционираат како жртви на „злонамерно дефокусирање“, со што ја продлабочија туѓата болка и ја пренесоа пораката дека болката може да биде искористена и злоупотребена.
Сите сме сведоци дека правдата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ доцни и станува мачна. Обвинението е поднесено, но судскиот процес сè уште не започнал. Има осомничени, но тие ќе бидат на слобода додека не се докаже кои од нив и дали се виновни.
Системот кој најпрво требаше да ги заштити нивните деца сериозно потфрли, а според тоа како се одвиваат работите и досегашното искуство со сите трагедии се очекува оти ќе потфрли и во санкционирањето на виновниците. Или пак, можеби овде станува збор за друг систем, кој поретко потфрлува – „системот“ кој е тука да ги заштити „своите“, оние кои имаат моќ, кои се на власт, од граѓаните.
Во вакви услови, да се инсинуира дека родителите ја злоупотребуваат трагедијата додека јавно бараат правда и поддршка не е само длабоко навредливо, туку е нечовечно и дрско.
Болката на овие семејства не е предмет на јавна дебата, ниту политичка пресметка.
Прашањето не е „колку чини“ еден млад живот, бидејќи секој знае дека животот е бесценет. Прашањето за Владата е колку чини (или чинеше) достоинството?
Текстот е личен став на Авторот. Преземено од Мета.мк
Владата по рекцијата од родителите на загинатите во Кочани: Злоупотребата на болката не носи правда