Неверојатно археолошко откритие на брегот на Охридското Езеро во Албанија, кај Лин, каде што археолозите веруваат дека ја пронашле најстарата подводна населба некогаш изградена на езеро во Европа, со докази за организирана заедница на риболовци и земјоделци кои живееле до пред 6 до 8 илјади години.
Археолози од Универзитетот во Берн, Швајцарија, во соработка со албански колеги, веќе шест години го проучуваат локалитетот и велат дека пронајдоците го менуваат досегашното знаење за раната цивилизација на стариот Континент.
-Оваа населба е најстарата од ваков тип која сме ја откриле во Европа. Фактот дека е под вода совршено го зачувал органскиот материјал, па благодарение тоа имаме уникатен увид во животот на луѓето од тој период, што јаделе, како граделе, како се движеле и што одгледувале, изјави професорот Алберт Хафнер, кој го предводи проектот, објавија албанските медиуми.
Дрвените столбови од куќите, заедно со бакарни предмети, коски, керамика и други артефакти, се вадат од длабочина до три метри, при што се користат радиокарбонска анализа и дендрохронологија за точно датирање.
Според првичните анализи, населбата се простирала на околу шест хектари и била дом на неколку стотици луѓе, кои живееле во склад со природата, ловеле, рибареле и одгледувале земјоделски култури. Досега се собрани над 1.000 примероци од дрво. Сепак, по 6 години ископување, откриени се само 1 отсто од нив. За целосно истражување на локацијата, научниците предвидуваат дека ќе бидат потребни децении.
-Тоа што тие луѓе го постигнале во тоа време е навистина неверојатно. Архитектурата, организацијата, исхраната, сè укажува на напредна заедница. Можеме да кажеме дека биле многу интелигентни за своето време, вели албанскиот археолог, Адриан Анастаси.
Додава дека Охридското Езеро, кое е едно од најстарите (над милион години) и најдлабоки езера во Европа, повторно се најде во фокусот на светската археолошка заедница, овој пат, со откритие што би можело да ја прераспише историјата на човековото населување на континентот.