Нова специјализирана единица за сајбер безбедност е формирана при Министерството за внатрешни работи. Таа ќе биде одговорна за сеопфатна заштита и мониторинг на информациските системи на МВР, ќе врши анализа и навремено детектираење на сајбер закани и ќе врши инсталација, одржување и менаџмент на безбедноста на ИТ инфраструктурата на Министерството.
– Оваа единица ќе биде клучен столб во одбраната на дигиталниот суверенитет на МВР како институција која управува со најголемиот и најсензитивниот обем на лични податоци на граѓаните на државата. Безбедноста на овие системи е прашање не само на институционален капацитет, туку и на државна стабилност и доверба на граѓаните. Сите активности на новоформираната единица се насочени кон унапредување на безбедноста и отпорноста на внатрешната ИТ-инфраструктура на самото Министерство, со фокус исклучиво на заштита на неговите информациски системи. За првпат, Министерството набави современа техничка и софтверска опрема за проактивно следење, детекција и превенција на сајбер напади, со што поставува темели на системска и долгорочна заштита, истакнал министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на оваа нова единица.
Според Тошковски, со оваа иницијатива, МВР поставува нов стандард во сајбер одбраната кој подразбира модерен, одржлив и цврст безбедносен штит кој одговара на предизвиците на денешното време и обезбедува доверба кај јавноста дека податоците на граѓаните се под највисока заштита.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека е потпишан и Меморандум за соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) чија цел е размена на знаења, искуства и едукација, како и унапредување и доусовршување на кадарот во областите каде што двете институции имаат заеднички интереси.
– Ваквата соработка претставува уште еден чекор кон јакнење на техничките и човечките капацитети на МВР и поддршка на дигиталната трансформација на институцијата, со крајна цел – подобри и побрзи услуги за граѓаните, велат од МВР.