Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Идејата на џуџето од Недојдија е саботажа врз Македонија. ВМРО-ДПМНЕ се или тотално неписмени што значи таа идеја, или се согласни и орни за национална саботажа.
Предлогот не само што не е сериозен, тој не треба на оваа територија ни да постои како идеја, а камоли да се поттикнува да се стави во Собранието.
Опозицијата, кога веќе на власта мозокот ѝ е на пасење или во рацете на ѓаволот, не би смеела да кокетира со никаква бланко „апсолутна поддршка” по прашање на туѓ потпис врз македонскиот јазик. Што сега,
македонскиот јазик ќе постои откако Бугарија ќе се согласи?! Докторе, каква апсолутна поддршка ем на нероден Петко, ем не е Петко туку Јуда? Од ВМРО-ДПМНЕ со тапија се нетокму, секој ден им ги гледаме будалиите што ги изјавуваат, каква „апсолутна поддршка”, ви се молам?!
Ова е опасен преседан. Во здрава нога – постојната комплетна европска верификација, да се става трн на зависност – од Бугарија?! Па, џуџето ѝ дава шанса на Бугарија пак да си ги излиста сите „услуги” што ги бараше од нас со Објаснувачкиот меморандум. Се сеќава некој на таа лепешка?
Бугарија будала ли е да потпише резолуција, а да не бара таа да важи како крајна рамка за идните односи? Тоа отвора рана за постојана интерпретација: „Дали Македонија ја почитува резолуцијата или не?“
ВМРО-ДПМНЕ со тапавиов (или саботерски!) политички театар игра со фалшлива премиса дека Бугарија нема да прифати, па ќе има билет за космички глупава изјава од вид: „Еве, пробавме, Бугарија не соработува, па затоа нема уставни измени.“
Од друга страна – многу убаво што ВМРО-ДПМНЕ го чувствува притисокот од народот за отварање на Првото Поглавје – за правда, средување на судството, администрацијата и тендерите, па мора да смислува „резолуции” за да ги одлага уставните измени. До грлец стасало изгледа. Но, ако смислиле „по старо” пак да се прикажат како рационален „бранител на македонштината“, сега нека си се преиспитаат да не е тоа „бугарштина”, некако премногу „мирис” пушта овој отпад од идеја за резолуција. Оти, некои од нив, од колнење во корените може и да се збунети.
Ова е облик на двојна игра – да изгледаат проевропски, додека суштински блокираат. Но, тапави или не – апсолутно е саботажа. „Апсолутна поддршка” на очигледна саботажа на основата на македонската нација?!
Ова е за НЕ!
Текстот е личен став на Авторката