Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека во завршна фаза е анализата за базичната инфлација и дека многу скоро Владата ќе излезе со мерки за зголемувањето на цените на прехранбените производи. За ова очекува да се разговара и на Економско-социјалниот совет којшто, како што рече, треба да одржи седница затоа што е завршена постапката со репрезентативноста.
Коментирајќи на изјавата на министерот за економија Бесар Дурмиши од минатата недела, Мицкоски рече дека можеби погрешно е сфатено и дека мерки нема во моментот затоа што трае анализата, но дека што се заврши со неа, мерки ќе има.
– Можеби поинаку е сфатено. Мерки во моментот нема бидејќи трае анализата. Во моментот кога ќе заврши анализата, се разбира дека ќе има мерки. Мислам дека веќе во завршна фаза е анализата за да излееме со конкретни мерки и имаме индикатори зошто тоа се случува така што очекувам дека многу скоро ќе излеземе, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на затворениот базен во склоп на училиштето „Невена Гоергиева – Дуња“ во Кисела Вода.
Посочи дека инфлацијата е висока и во голем дел од европските држави и изнесува над пет проценти.