Професорот на Архитектонскиот факултет, Мишко Ралев, кој до неодамна важеше за еден од најсериозните кандидати за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, откако не ја доби поддршката, одлучи да му се приклучи на тимот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.Информацијата ја потврди самиот Ѓорѓиевски преку објава на Фејсбук, изразувајќи благодарност и задоволство од приклучувањето на професорот Ралев.
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје,“ напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека Ралев, со своето искуство и интегритет, претставува значајна поддршка за тимот.
„Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас,“ истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека академската заедница ќе има важно место во неговата визија за градот.
„Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје,“ потенцираше тој.
„Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина!“
Оваа промена на професорот Ралев доаѓа откако не ја доби поддршката за кандидатурата за градоначалник од редовите на СДСМ, кои одбраа да одат со Каја Шукова за Скопје.
Мишко Ралев важеше за еден од најжестоките критичари на проектот Скопје 2014-та, реализиран од Груевски и владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ј. Ѓ.