Новинарот Петрит Сарачини упати остра критика на однесувањето на политичките елити во Македонија во однос на говорот на омраза и национал-шовинизмот, посочувајќи дека тие намерно ги игнорираат проблематичните изјави кои доаѓаат и од едната и од другата страна.
„Едните не слушнале ‘Чиста Македонија’, ‘Клетите Шиптари’… Другите не слушнале ‘Етничка Албанија’, ‘Чамерија’, ‘Илирида’“, напиша Сарачини на Фејсбук.
Тој посочува дека токму овие политичари, кои „оглувуваат“ кога е најпотребно да реагираат, ќе бидат тие што во изборна кампања ќе тврдат дека го слушаат „гласот на народот“.
„А во изборната кампања, истиве ‘глуви’ политичари ќе се колнат дека го слушаат ‘гласот на народот’“, предупредува Сарачини.
Но, според него, сето тоа е само привремено. „И потоа – пак ќе ‘оглуват’. До наредните избори, или наредната прилика за бегство од сопствените неуспеси преку хранење на гладниот народ со меѓусебна омраза и бајат национал-шовинизам“, заклучува тој.