Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Берлин за да учествува на онлајн-разговори со европските сојузници и американскиот претседател Доналд Трамп, пред предвидената средба в петок на високо ниво меѓу САД и Русија за војната во Украина.
Зеленски беше пречекан од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ги организираше видео-конференциските средби за да се осигура дека Киев и неговите европски партнери ќе бидат информирани пред средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин в петок на Алјаска. Зеленски слета со хеликоптер пред канцеларијата на канцеларот, каде лично го пречека Мерц.
По билатералните разговори за време на ручекот, Мерц и Зеленски планираат да водат онлајн-дискусии во 14 часот (12:00 GMT) со лидерите на Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Финска, како и со шефовите на Европската Унија и НАТО, пред да се вклучат во уште еден повик со Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс.
Европските влади, според новинската агенција ДПА, се загрижени дека средбата Трамп-Путин – прва од ваков вид откако Трамп стапи на функција во јануари – може да доведе до територијални отстапки кон Русија, што Киев категорично ги отфрла. Трамп ја опиша средбата на Алјаска како обид да се стави крај на војната, која влегува во четвртата година, вклучувајќи можни „размени на територии“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска изјави дека Москва не покажува волја да ја заврши војната во Украина, повикувајќи ги Европа, САД и сојузниците на Киев да го зголемат притисокот врз Русија пред овонеделниот самит меѓу САД и Русија. „Оваа војна мора да заврши. Мора да се изврши притисок врз Русија за правичен мир“, напиша Зеленски на Телеграм пред доаќањето во Берлин. Тој додаде дека Украина, Европа и САД мора да дејствуваат заедно за да ја принудат Москва на преговори.