Повеќето Германци се скептични во врска со утрешната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во американската држава Алјаска, според анкета нарачана од германскиот јавен радиодифузер ЗДФ, објави ДПА.
Само 13 проценти од анкетираните веруваат дека Трамп ќе успее да постигне прекин на огнот во војната во Украина на состанокот, додека 84 проценти се скептични во врска со таков исход.
Само 14 проценти од испитаниците веруваат дека Путин има искрен интерес за склучување траен прекин на огнот, додека 82 проценти не веруваат дека е тоа случај. Покрај тоа, девет од десет испитаници веруваат дека директното учество на Украина е од суштинско значење за постигнување траен прекин на огнот.
Германците се поделени по прашањето за евентуални територијални отстапки на Украина кон Русија. Околу 42 проценти од испитаниците ја поддржуваат идејата дека Киев треба да се откаже од дел од територијата што моментално е под руска контрола доколку се стави крај на конфликтот, додека 45 проценти веруваат дека Украина треба да продолжи да се бори за да ја врати контролата врз окупираните области.
Анкетата беше спроведена преку телефон и онлајн меѓу 1.370 случајно избрани возрасни лица со право на глас помеѓу 11 и 13 август.