ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

MРАЧЕН МЕДИУМСКИ ПЕЈСАЖ (2): Главен уредник – Александар Вучиќ

Малиот број професионални и независни медиуми во регионот оваа година доживеаа чистка – дел се должи на факторот трампизам, а дел на повлекувањето на другите надворешни поддржувачи: Балканот е осуден на западната индиферентност. Или да биде жртва на плановите на источните автократи кои ја користат и оската Будимпешта- Србија - Македонија

August 14, 2025 15:57
in АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, МЕДИУМИ, ПОЛИТИКА, РЕГИОН

Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ 

Продолжение од првиот дел: MРАЧЕН МЕДИУМСКИ ПЕЈСАЖ: Западниот Балкан – заспиј ако можеш

Балканците со часови гледаат во екран од кој доаѓаат лаги

„Затворањето на добар, квалитетен медиум е секогаш загуба за сите“, вели за РСЕ/РЛ Снежана Миливојевиќ, професорка на Факултетот за политички науки во Белград, која често е цитирана и кај нас, бидејќи, таа е носител на ставот дека најгледаните медиуми на Балканот се и најмалку влијателни(!). Ова е секако суштината на ситуацијата ма медиумите на Полуостровот и тоа треба да се види. Значи луѓето со часови гледаат во телевизорот и гледаат в о нешто што не веруваат.

„Надвор од таа група професионални новинари кои ги губат своите работни места, што претставува посебен удар за новинарската професија овде, загубата за пошироката јавност се сведува на губење на медиум кој одржувал високи професионални стандарди, имал разновидна програма и придонел за медиумскиот плурализам“, нагласи таа.

Ако не може Русија, може Белорусија!

Втората голема новинска групација, со врвен професионален углед и позната како голем, неуморен борец за човечките права на Полуостровот, која сериозно е дестабилизирана е United Group. Раководството на истата кое е сместено надвор од Полуостровот, објави во февруари дека продала две компании на Балканот за вкупно 1,5 милијарди евра, со цел повторно да се фокусира кон пазарот на Европската Унија.

Фирмите од кои зависеше економската стабилност на ТВ програмите беа ставени на испит со продажбата на SBB за 825 милиони, додека српски Телеком плати 652 милиони евра за правата за емитување спортски настани, што претходно ги држеше Sport Club.

Потоа дојде додатен удар откако се дозна дека основачот на „Јунајтед груп“, Драган Шолак, повеќе не е претседател на Советодавниот одбор од средината на јуни 2025 година, како и поранешната извршна директорка, Викторија Боклаг. Белградско „Време“ напиша дека со заминувањето на Шолак, Александар Вучиќ ќе бие „наш единствен уредник“.

Драматичната привлечност на вработените во „Јунајтед Медиа“ покажува што може да се случи кога медиумите на другата страна на улицата се контролирани од режимот и корпорациите. Тоа се случува во Србија сега. Ако публиката не го препознае ова, се заканува уште поцрн медиумски мрак, се вели во неделникот. Јасно е од сегашен аспект дека Драган Шолак одамна го продаде својот мнозински удел во „Јунајтед Груп“, но тој остана да ја води компанијата – доста успешно. Ова може да се види од фактот дека неодамна зедоа една и пол милијарда евра само од продажбата на кабелскиот оператор SBB и спортските права.

Со тие дебели пари – од кои поголемиот дел оди кај мнозинскиот сопственик, белорускиот инвестициски фонд BC Partners (!), инаку финансиско друштво од Лондон (!) српскиот режим практично купи монопол врз медиумите во Србија. „Време“ смета дека тоа не била одлука на Шолак, туку кон тоа го туркале токму оние акционери кои потекнуваат од Минск, а делуваат преку западни финансиски канали. Кремљ порано тоа го правеше користејќи бугарски компании, со политичко-идеолошки ориентири, а сега се чини најблизок соработник за овој тип на трансакции е тимот на Лукашенко!

Шолак полека ја отстапувал власта, а беше единствениот кој одржуваше цел систем на медиуми. Освен N1 и Нова, со редакции во Белград, Загреб, Сараево, Подгорица и Љубљана, Шолак ги поддржуваше весниците „Радар“ (со новинари од поранешниот неделник НИН), илустрираниот дневен весник „Нова“, кој се печати во Хрватска (не смееше ниту една печатница во Србија да го преземе тој сегмент од издавањето), потоа класичниот дневен весник „Данас“, црногорскиот весник и ТВ канал „Вијести“  како и многу други помали ТВ канали. Тоа беше голема сила која се покажа како единствен достоен партнер во нерамноправни услови на медиумската машинерија на која се базираше власта на Вучиќ.

Белоруското потекло на акционерите на „БЦ партнерс“ секако беше единствено значајно новите владетели да го бркаат Шолак, по што следеше апел од новинарите и уредниците на „Јунајтед Медиа“. Во таа нивна изјава, Шолак се претставува како нетипичен бизнисмен. Всушност, секој друг одамна би профитирал од работењето во Србија или би отишол да работи во земја каде што не би бил етикетиран како предавник и организатор на „обоената револуција“.

Гледано формално фондот на „БЦ Партнерс“ не е наклонет кон медиумскиот бизнис. Тие наводно го знаат само јазикот на парите, а дали законот вклучува нафтен бунар, кланици за кокошки или слободно новинарство во балканска земја – тоа не ги интересира. Да појаснам – првиот нивни влог по рушењето на Шолак беше вложувањето во „чиста енергија“ и тоа во Бугарија (хм!). Како покритие тие презедоа и поддржување на еден музички фестивал кој траеше еден ден, чинеше многу, пари доволни за поддршка на медиумите во Србија, и тоа за подолг временски период!

Режим или корпорација

Во Србија, критичкиот збор може да се чуе на многу места – има независни неделници, истражувачки новинари, локални медиуми, подкасти и емисии на YouTube. Исто така, постои и Твитер. Но, ниту едно од тие места не е ни приближно толку моќен мегафон како N1 и Nova S, двете телевизии од групата United. Во основа, проблемот (и не само во Србија) е што медиумите се или под влијание на режимот, или се чип за играта со пари на корпорациите, или се на просјачки стап. Поконкретно, прашањето е: Што значи заминувањето на Шолак за медиумската сцена и информирањето на граѓаните во општество кое е во бунт повеќе од седум месеци и не може да ја очекува вистината од режимските медиуми и РТС?

На почетокот, можеби ништо навистина не се менува, како што тврди „БЦ Партнерс“. Во тоа толкување, отстранувањето на Шолак е само логично продолжение на бегството од Србија кон пазарите на ЕУ. Бидејќи „Јунајтед груп“ работи од Словенија до Грција и никаде немала политички проблеми како во Србија.

Професорката Миливојевиќ, која веќе ја споменавме, објаснува дека регионалните медиуми на Балканот најчесто биле основани од странски сопственици, но дека отпорот бил преголем.

„Паралелно со процесот на егзодус на странските сопственици, се одвива и еден вид враќање на државата во медиумите – барем во Србија ова е очигледно, преку државниот Телеком и цела низа нивни канали, вклучително и некои што ја истакнуваат таа регионална димензија“, истакна таа.

Таа наведува дека силниот политички притисок врз медиумите довел до тоа „меѓународниот сектор за помош на медиумите, така да се каже, да се урива пред нашите очи“.

„Медиумите кои имаат или сериозни амбиции да информираат за ситуацијата во регионот, или сериозни амбиции да ги подигнат професионалните стандарди, сега се заглавени во јазот помеѓу големиот политички притисок на домашните власти и незаинтересираноста или неподготвеноста на меѓународната демократска јавност да им помогне“, нагласи таа.

Впрочем, најголемиот чекор веќе беше направен кога SBB беше продаден и спортските канали беа затворени, а тоа беа двете компании за голема добивка. Оттогаш, „уредникот“ Александар Вучиќ имаше речиси монопол, а неговите (практично на Телеком) телевизии навлегоа во секој дом. Како што ни кажаа изворите во тоа време, N1 и Nova S беа оставени да висат на тенката линија од договорот според кој SBB мораше да им плаќа одредена сума за секоја врска некое време (според нив, пет години). Сума доволна за да работат имуни на политички притисок.

Трамп го спасува Вучиќ

Значи, Вучиќ сега има против себе еден „ранет тигар“ кој се држи на влакно над амбисот, барем додека постои договор кој треба да ги спасува новинарите некои велат две години, други – пет години! Со ова секако Вучиќ не може да биде задоволен. Тука треба за некаков аспирин за неговата главоболка од Белорусија да скокнеме до Вашингтон. Имено, играчот каков што е српскиот претседател и онака скока постојано меѓу Кремљ и Белата куќа, со различен успех, но, сепак, се обидува да „цица од две мајки“.

Да потсетиме дека претходно Доналд Трамп односно неговите најблиски добија шокантен бизнис – претворање на срушените згради на некогашниот Генералштаб на Немањина улица во Белград. Тоа е објект кој имаше култно значење во дел од српското општество, и тоа токму во тој дел за кој режимот тврдеше дека никогаш нема да го заборави бомбардирањето на Србија во 1999 година, како вовед во дефинитивна сепарација на јужната покраина (Косово).

За да биде појасно, и СНС, партијата на претседателот Вучиќ, неприкосновениот политичар во Србија произлезе од тоа милје, како партија – опашкарка на онаа на Шешељ. Да појасниме, таа партија се викаше Српско четничко движење во стартот, а потоа стана Српска радикална партија. И се направи од неговите челници – светогрдие – се лизна неодамна Вучиќ на тој „антипатриотски чин“, направен со член на семејството на Трамп.

Индикативно е дека последните месеци Трамп не покажа ниту ронка респект за позицијата на Вучиќ, бидејќи го посрами кога го избрка од својот митинг на Флорида каде токму српскиот демиург сакаше да се прошверцува со прилог за Републиканците вреден два милиони долари. Парите беа примени, Вучиќ беше истеран од САД а тој тоа го прикажа како ненадејна потреба од српските лекари па бргу се вратил назад. Трамп во својата тарифна војна ја осуди Србија да плаќа највисоки царини на извоз на своја стока во Америка (!). Вучиќ веќе губи со 2:0, ама не се дава!

За ваквата позиција има секако најмалку две причини. Првата е постојано одложување на санкциите кон српската нафтена индустрија (НИС, која е во доминантно руско сопствеништво), а што – ако не се одложува од американска страна – веројатно веднаш би предизвикало голема економска криза кај северниот сосед, со слики на граѓани кои брзаат кон пумпните станици со пластични канти во рацете, би го срушила актуелниот владетел во Белград побрзо од било која студентска активност, која е во тек цели осум месец. Ова одложување се случува во стилот „само уште еден месец“, а граѓаните заинтересирани да возат автомобили, одамна ги извадиле од подрумите старите добри канти за бензин. Фали уште кондицијата за евентуалното стампедо.

Тука уште едно ама…

Се работи за потпирање на апсолутизмот на Вучиќ од американска страна во услови кога многубројните про-вучиќевски медиуми „не вредат ниту за грош“. Тука влегува друга меѓународна компанија која треба да дејствува во регионот и која нè опфаќа и нас (!), а со чија помош режимот во Белград треба да се одржи и да ја прелева својата моќ и надвор од границите на Србија. Некои би рекле – „во Србија и регионот“ а некои богами и „во српскиот свет“.

Една година по потпишувањето на договорот со Телеком Србија за лиценцата, започна собирањето на тимот што ќе работи на телевизијата Newsmax Balkans.

Како што стојат работите, јадрото ќе го сочинуваат речиси сите вработени во Хепи Телевизија. Позицијата извршен директор ѝ беше доверена на Александра Крстиќ, која со години ја извршуваше истата позиција во „Хепи“.

Позицијата главен уредник е планирана за Милан Зоричиќ, кој, покрај Хепи, работел и во Танјуг, Правда и РТС Трет канал. Зоран Трифуновиќ, кој со години беше уредник на информативната програма на Хепи, ќе работи и како уредник.

Неодамна, директорот на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, изјави дека оваа регионална телевизија ќе се гледа „од Словенија до Албанија“ и дека очекува програмата да почне да се емитува до крајот на октомври.

Newsmax е американска компанија основана од Кристофер Руди во 1998 година. Таа е опишана како конзервативна и десничарска, а понекогаш и како екстремно десничарска. Ја поврзуваат со Републиканската партија во САД и Трамп. Директорот Руди претходно изјави дека тој и Трамп се пријатели повеќе од 20 години.

Шифрата на Вучиќ се вика – Лучиќ

Телеком Србија е шифрата преку која Вучиќ наоѓа своја ризница за одржување на својата моќ и ширењето на својата идеолошка матрица и во соседството. Телеком Србија најпрвин направи обид да купи регионален дистрибутер на ТВ сигнали кај нас, но остана на една мала енклава корисници. Обидот за преговори со „Неотел“ очевидно пропаднаа, бидејќи целта на оваа компанија беше нешто и да заработи: сакаше да добие своја компанија за комуникации и за неизбежните мобилни телефони. За почеток ја направи „М-тел“, која имаше скромен скор.

Државата, оваа на Мицкоски, направи простор за нов мобилен оператер. Тој одговори со – повелете! Телеком Србија го презеде Тотал како дистрибутер на сателитски пренос на сигналот, а сега се формира локална редакција во кругот на семејството на Newsmax. Во екипата го препознаваме – според фотографијата – само уредникот од ТВ Алфа, Драган Милосављевиќ, кој со колегата Горан Момироски, ја водеше емисијата „Заспиј ако можеш“. Лично многу брзо престанав да ја гледам како што и само понекогаш ќе погледнам дел од сториите и дебатите на „среќната телевизија“ од Белград, колку да видам некои извадоци од „историјата на Стара Србија“, перманентно присутни во уредничкиот фундус на теми.

Горан Момироски благодарејќи на таа емисија стана советник на нашата претседателка а Драган Милосављевиќ ете го како копче кое ќе не води во редакција која ниту ќе има програмско портфолио кое можеме однапред да го почекаме со ентузијазам, ниту може да се истрпи таа очевидно сценарио кое го пишувал Вучиќ а го спроведува директорот на српски Телеком Владимир Лучиќ, кој неодамна беше гостин на ТВ Сител, студио каде секако е добредојден.

Па ниту името на Newsmax како дел од стратегијата на Телекомот од Белград не е за некаков алал. Па тогаш, ако се погледнат „сите карти на масата“ – да заспиеме ако можеме.

Преземено: Цивил Медиа


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.

1 дел:

Next Post

Од утре аплицирање за субвенциониран студентски оброк за академската 2025-2026 година

НАЈНОВО

БМВ планира ривал на Г-Класа за 2029 година

August 14, 2025

Продолжува потрагата по исчезнатите мигранти по двоен бродолом кај Лампедуза

August 14, 2025
Фото: Ви

Карл Билд: Ако Трамп сака може да ја врати Алјаска на Русија, но нема никакво право да тргува со територијата на која било друга нација

August 14, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Андреј Жерновски. Фото: ФБ

    Паника поради падот од 130.000 гласа

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Од социјалните мрежи до коридорите на моќта: Престанете да ѝ кажувате на Украина да отстапи земја, почнете да ѝ кажувате на Русија да ја врати

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Карл Билд: Ако Трамп сака може да ја врати Алјаска на Русија, но нема никакво право да тргува со територијата на која било друга нација

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кандидатката за градоначалничка на Центар, Билјана Ивановска: Ќе се борам стандардот 3-33-300 да се воведе и во Центар

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дали Додик е „корисен идиот“ за Вучиќ?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk