Европските лидери ќе му се придружат на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, на неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп денес попладне.
Трамп рече дека Зеленски мора да се согласи со некои од условите на Русија – вклучително и Украина да го отстапи Крим и да се согласи никогаш да не се приклучи на НАТО – за да заврши војната, пренесува Си-Ен-Ен.
Шест од седумте европски лидери пристигнаа во Белата куќа за денешниот собир. Францускиот претседател Емануел Макрон сè уште е на пат кон собирот. Тој слета на Меѓународниот аеродром Далес, надвор од Вашингтон, околу 11:30 часот по источно време.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека денеска во Вашингтон, за време на заедничкиот состанок на лидерите на САД, Украина, други европски земји, ЕУ и НАТО, ќе се дискутира за идната безбедносна архитектура на Украина и Европа.
Тоа беше објавено на веб-страницата на претседателот на Украина по средбата на Зеленски со специјалниот претставник на САД за Украина и Русија, Кит Келог. Украински медиуми јавија дека преговорите меѓу претседателот на Украина, со учество на други европски лидери, и претседателот на САД Доналд Трамп, што ќе се одржат денеска во Вашингтон, станаа клучна тема на средбата на Зеленски со Келог.
„Пред се, благодарни сме на претседателот Трамп за оваа покана и форматот што ќе го имаме. Сигналот во врска со безбедносните гаранции е важен. Многу е важно што сме заедно со САД и Европа“, истакна Зеленски.
Зеленски додаде дека тој и европските сојузници ги координирале своите ставови пред средбата со Трамп.
Ј. Ѓ.