ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?

Во земјава влегува српска банка од понизок ранг која треба да создаде некаква финансиска мимикрија и да ги „казни“ постојните домашни банки кои не се покажаа сосема „лојални“ кон власта, на пример, кога донесе кредит од една милијарда евра на стартот на владеењето. Во земји со истоветен систем на владеење и во Скопје и во Белград овој потег не е можен без согласност на двата политички врвови. Во Србија ваквите спогодби ги нарекуваа во 90-тите „буразерски“ и се дел од целосно разбирање за интересите на двете договорни страни, направени во дискреција

August 23, 2025 17:04
in ZOOM IN, АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, ЕКОНОМИЈА, ПОЛИТИКА

 

Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ | ЦИВИЛ МЕДИА

Српската Алта Банка ја објави намерата за целосно преземање на Стопанска банка Битола. По влезот на српскиот Телеком на голема врата, ова е дел од стратешко позиционирање на соседната економија на подолготрајни основи и претставува слика на нашето одлепување од западниот економски круг, а со тоа и од големите зделки што можат да го раздвижат нашиот пазар!

Една полемика на релација меѓу ДУИ и ВРЕДИ околу влезот на „српскиот свет“ во нашата економија како да ни ги отвора очите за една вест која веројатно и не доби поголем одек кај нас: влезот на една не многу пропулзивна белградска банка во финансискиот амбиент на земјава, област каде не се случуваат многу значајни работи и уште помалку промени.

Додека сме кај полемиката како иницијатор за повнимателно согледувања на економските односи меѓу Србија и нашата земја, само да напоменеме за оние кои не знаат дека интегративците од Мала Речица ѝ замеруваат на ВРЕДИ дека во изборната програма за 2024 година ветила основање на албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој, како што велат тие.

Денес, наместо да го исполни ова ветување, како слуга на ВМРО, ВРЕДИ ги отвори вратите за навлегување на „српскиот свет“ во банкарскиот сектор на Северна Македонија преку „Алта банка“, наведува ДУИ во соопштение. И продолжува дека „ова не е обична финансиска инвестиција, туку директен политички и економски проект на Белград за преземање контрола врз стратешките институции на државата. Банката не е само приватна компанија – таа е механизам за политичко влијание, перење капитал и создавање економска зависност на земјата од интересите на Србија. Притоа се посочува дека на чело на преземената банка (Стопанска АД од Битола) во преговорите Мицкоски – Вучиќ завршила со дил во кој нам извесната Маја Кадиевска Војновиќ ќе застане на чело на „освоената банка“.

Факт е дека таа е ќерка на високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ Душко Кадиевски, кој беше министер за транспорт и градежништво и добар пријател со покојниот претседател Борис Трајковски. Таа се смета за член на партијата на „црвено-црните“ и беше заменик гувернер на Народната банка (ова се наши податоци), а на последните парламентарни избори ја претставуваше партиската програма наречена „Платформата 1198“,  која означува амбициозен број на мерки што се распрсна во стварноста со она познато влечење на ракавот на првиот човек на Комората на палтото на премиерот Мицковски.

Ова, се разбира е тема за себе, на која ќе се посветиме наскоро.

Мицкоски секако ѝ должи за тој напор кој, ако ништо, друго и физички е фасцинантен, да образложуваш што сѐ ќе преземе владата на Мицкоски. Но лидерот на партијата ѝ го тргна столчето и при одредување на министрите во неговата влада во секторите врзани за финансиите, но секако и при евентуалното кандидирање за гувернер на НБРМ.

Инаку ДУИ, да се вратиме за час на нив, оценуваат дека овој потег е слика на тргањето на нашата економија од евроатлантскиот пат и дека ВРЕДИ има соучесништво во тие потези на коалиционата власт, а ја споменуваат и претседателката на државата која молчешкум го гледа сето ова.

Кај оваа трансакција меѓу двете банки постојат неколку чуденки.

Најпрво, зошто постои определба за преземање на Стопанска банка Битола од една помала финансиска институција со скромен капитал? Второ, како Кадиевска Војновиќ ќе управува со Банката ако зад преземачот постои скромен скор на акции? Барем засега!

Новиот „газда“ на битолската банка ги презел сите обични акции по цена од  3.777 денари, пишува „Бизнис инфо“.  На овој начин, Алта Банка АД Белград заедно со поврзаните лица, поседува 19.439 обични акции или 4,97% од вкупниот број на обични акции издадени од Стопанска Банка АД Битолa. Не делува многу импресивно нели?

Како што е наведено во соопштението објавено на Македонската берза што го пренесува „Бизнис инфо“, „согласно член 26-а став 3 од Законот за преземање на акционерските друштва, напоменуваме дека покрај согласностите кои се потребни од домашните овластени органи, тела и институции, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на претходната согласност од Народната банка на Република Северна Македонија, давањето на понудата за преземање е условено со претходно одобрување на стекнување од страна на Народна банка на Србија („Странско одобрение”), а имајте на ум дека одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Србија веќе е добиено“.

Имено, новиот – условно – сопственик нема да има мнозинско сопствеништво во банката, со оглед на тоа што акционерите на банката се голем број физички и правни лица со релативно мал број акции.

Освен државата, СФРЈ е меѓу главните акционери со 5,3 проценти, со оглед на тоа што конечната поделба на средствата меѓу поранешните југословенски републики сè уште не е финализирана. Со нешто помалку од пет проценти од акциите, што е границата над која е потребна дозвола од НБС за сопственост во банките, се американската фирма Тинолекс, телекомуникациската компанија Телегруп и Алфаплам од Врање, во сопственост на бизнисменот Мирољуб Алексиќ. Тој се споменува во јавноста со месеци, ако не и со години, како заинтересирана страна за Јубмес банка. Голем дел од акциите на „Јубмес“ се наоѓаат на таканаречени старателски сметки кај банки чии сопственици се скриени од јавноста, па затоа е можно некои од добро познатите акционери на банката да поседуваат поголеми акции преку овие сметки.

Патем, Алексиќ, чија група „Алко“ вклучува околу петнаесет компании, вклучувајќи ги „Пионир“ од Суботица, „Алфаплам“ од Врање и неколку хотели, веќе има искуство во банкарството, со оглед на тоа што еднаш ја основал „А банка“, која ја продал на белгиската „КБЦ банка“ во 2007 година за речиси 100 милиони евра. Подоцна, неговото име се споменуваше и во сопственоста на пропаднатите банки „Универзал“ и „Привредна банка Београд“. Во „Универзал банка“ имал околу три проценти сопственост, а во „Привредна банка Београд“ дури бил казнет од Народната банка на Србија за пречекорување на ограничувањето од пет проценти сопственост преку неговите поврзани компании без дозвола и му било наредено да ги продаде вишокот акции.

„Јубмес“ како татко на Алта банката е мала банка која зафаќа само 0,3 проценти од пазарот во однос на активата, има само две филијали и главно зависи од работата со економијата. Интересно е што претседателот на Управниот одбор на оваа банка, Зоран Лилиќ, е поранешен претседател на СРЈ од 1993 до 1997 година!

За да бидат работите појасни преминот на некогашната Југословенска банка за односи со странство (Јумбес) во приватна банка одеше преку одредени сомнителни трансакции во заднината. Најнапред во однос на БиХ да речеме, каде тамошната влада безмалку ѝ ги подари своите акции во Јумбес на Србија, како што пишува Смарт Балканс, со образложение што не држело вода – дека БиХ има мал број акции (3,59 отсдто) и не може да влијае на политиката на идната банка – Алта. Продажбата е направена по цена од 4 пати пониска од сметководствената. И самата Србија го форсираше продавањето на некогашната ју-банка и нејзината приватизација со што практично се одеше кон тоа „пазарно“ да се реши нешто што постјугословенските договори за имотот на СФРЈ не го решија, за што пишува белградски N1. Ова се случувало после 2018 година.

Последните неколку години не беа многу добри за Алта банка, со оглед на тоа што во 2017 и 2018 година забележа добивка од шеесет милиони динари, а во 2014 и 2015 година загуба од вкупно 2,4 милијарди динари.

Според сите извештаи, оваа година е малку подобра, бидејќи за првите шест месеци е прикажана добивка од 370 милиони динари, што е шест пати повеќе отколку во истиот период од претходната година.

Во пресрет на приватизацијата, цената на акциите на оваа банка на берзата скокна за 30 проценти во последниот месец, од 8.000 на 10.500 динари, што е највисока цена во последните три години. Доколку државата ги продаде своите акции по оваа цена, за нив би добила 7,27 милиони евра, се вели во медиумските извештаи од Србија..

Првиот сумарум е дека една „килава“ финансиска институција се трга од грбот на државата, Србија добива преку трансакцијата со Македонија и за мали пари доаѓа до голема добивка (или каква-таква) со скокот на акциите на берзата.

Имотот на банката на крајот на јуни оваа година изнесувал 126,3 милиони евра, а капиталот на банката бил 32,5 милиони евра. Обично постојат рестрикции во однос на тоа колку една банка смее да има недвижности во посед во однос на „кешот“, обртниот капитал, нели!

За чудо, на македонската банкарска сцена претходно се најави дека нашата најголема банка – Комерцијална – е заинтересирана да ја „посвои“ битолската Стопанска! За тоа имаше информација од Широк сокак, ама и тогаш со доста огради, па излезе дека целата работа излегла „пишман“. Од некого. Се попречил ли тука некаков таен договор меѓу нашата и српската влада?

Познавачите на состојбите се убедени дека ВМРО-ДПМНЕ конечно доби своја банка која гарантира сикретност во трансакциите, а го имаат и гувернерот на НБРМ кој има ингеренции во оваа област. Па сите идни кредити (а најавени се бабачко такви) веројатно ќе одат преку бабам Битола! Имено, при реализацијата на унгарскиот кредит од една милијарда евра после изборите, за кој сите велат дека е всушност – кинески, се виде дека нашите банки се тврд орев и не сакаат да бидат послушници и да работат без провизија. Згора и не мора да го држат јазикот залепен за забите! И така сега, да претпоставиме, британските фунти веројатно ќе бидат под велот на сикретноста, но и нема да се знае колку пари реално ќе се врзат за потребни инвестиции во земјава. Просто – другo е кога власта си ја смета за своја барем една банка!

Инаку во блиското минато, битолската Стопанска ја презеде семејството Камчеви и преку неа завладеа со сериозни стопански капацитети, посебно во аграрот и прехранбената индустрија. Камчев, несуден бугарски почесен конзул во земјава (за што дојде до судир меѓу премиерите Заев и Борисов) своевремено го смести здружението „Ванчо Михајлов“ во своите простории. Ова секако говори дека овој настан од 2022 година е релативно минато, бидејќи банката во Битола станува еден од стожерите на релацијата Будимпешта-Белград-Скопје. Навистина, една од последните вести беше дека Кристина Камчева Стојчевска, сестра на Јордан Камчев била номинирана за нов член на Надзорен одбор на Стопанска банка Битола. Секако тука ќе има сериозни кадровски поместувања. Други членови на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола се Миле Зечевиќ (!) кој е претседател, Александар Радевска, Стевчо Јолакоски, Гордана Темелковска Костовска, Иванчо Велјановски, Игор Камбовски. Тој список наскоро може да биде минато.

ВМРО-ДПМНЕ не го напаѓа само судството, односно третата власт, туку и сите оние институции кои ќе му ја овозможат комплетно, безрезервно владеење во земјата, ама и осигурување на опстојноста на новата линија, која виртуелно го спојува синиот Дунав и валканиот Вардар.


Извор: ЦИВИЛ МЕДИА.
Tags: банкиекономијасрпски свет
Next Post

Ден на Државното Знаме на Украина и Ден на Независноста на Украина: За Украинците, слободата и достоинството секогаш биле основни вредности

НАЈНОВО

Фото: Скриншот

(ВИДЕО) Ден на националното знаме на Украина, Зеленски: Ние нема да му ја дадеме нашата земја на окупаторот!

August 23, 2025

Ден на Државното Знаме на Украина и Ден на Независноста на Украина: За Украинците, слободата и достоинството секогаш биле основни вредности

August 23, 2025

СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?

August 23, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Да ги освестиме придобивките од ЕУ за да знаеме зошто сме против!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • СРПСКИ (БУРАЗЕРСКИ) СВЕТ: Ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ своја банка?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Заветната пропаганда

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Во Град Скопје јавна дискусија за генералните урбанистички планови за општините Чаир и Бутел

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Војската на улиците во САД: Што значи тоа за американската демократија?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk