Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, остро реагираше по инцидентот на натпреварот меѓу младинските екипи на „Брегалница“ и „Шкупи“ во Штип, каде, како што вели, младите спортисти биле физички нападнати.
Како што јавуваат штипските медиуми до инцидентот дошло кога родители на децата од гостинскиот клуб влегле во теренот и почнале да ги тепаат играчите на Брегалница. Неофицијално, две деца се тешко повредени.
„Додека Панче Тошковски му тера кампања на Орце Ѓоргиевски, на нас штипјани денеска децата ни ги сокршија од ќотек на стадионот Бело Брдо,“ напиша Костова на својот Фејсбук профил.
Таа оцени дека се работи за „нов ден, нов крах на безбедноста под водство на најнеспособниот министер за внатрешни работи во историјата на самостојна Македонија“.
Костова упати „најостра осуда за денешниот инцидент“, додавајќи дека „додека Тошковски се слика, младите спортисти немаат минимум безбедност, ниту можност за непречено спроведување на обичен фудбалски натпревар“.
„Ништо од големите ветувања на ДПМНЕ и Мицкоски. Кога среде Штип ни ги сокршија децата од ќотек, што останало за безбедноста на ниво на цела држава,“ посочи таа.
Според Костова, „со ваква партизирана полиција, водена само за остварување на тесните интереси на неколкутемина дпмне-вски челници и нивни соработници од подземјето, безбедноста ја снема од македонската реалност“.
Таа потсети дека „и по кој знае кој пат бараме оставка од Тошковски“ и заклучи: „Тоа е најмалку што може да го направи.“
Утрово кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи сподели фотографија со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од заедничка утринска прошетка низ Градскиот парк во Скопје.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија.
Така беше и ова утро, во придружба на министерот Панче Тошковски.
Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила.
Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост!“, напиша Ѓорѓиевски.
Поврзано:
Ј. Ѓ.