Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Денис Бечировиќ, одбија на дневниот ред на денешната седница да се најде предлогот на нивната колешка Жељка Цвијановиќ за номинација на американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, пренесува Klix.ba.
Сè уште нема образложение од кабинетите на Комшиќ или Бечировиќ за точните причини поради кои ја отфрлија иницијативата.
Цвијановиќ претходно најави дека ќе предложи Трамп да биде номиниран пред Одборот за доделување на Нобеловата награда.
Интересно е што оваа иницијатива доаѓа од Цвијановиќ, која и денес се наоѓа на американската црна листа поради подривање на Дејтонскиот мировен договор, чиј автор се токму САД.
„Американскиот претседател ја заслуж оваа номинација бидејќи со својот дипломатски ангажман и личен авторитет остварил резултати кои оставиле значаен траг во меѓународните односи и значајно придонеле за стабилизација на бројни светски кризи“, истакна таа во појаснувањето.
Како аргумент, Цвијановиќ го наведе постигнувањето на мировниот договор меѓу Ерменија и Азербејџан, склучен во август 2025 година во Белата куќа, кој означил крај на долгогодишниот конфликт во Јужен Кавказ и отворил перспектива за нова ера на регионална соработка и безбедност. Таа се повика и на ангажманот на Трамп во Азија, примирјето во Јемен, како и запирањето на судирите меѓу Руанда и ДР Конго.