Жителите на Брисел, пред се странците, не треба да се плашат од насилниот криминал во белгискиот главен град, бидејќи тој е ограничен само во некои градски населби, изјави комесарот за Европа и меѓународни организации на Бриселскиот Регион, Ален Хачинсон.
Од почетокот на годината во Брисел се регистрирани речиси 60 вооружени инциденти и престрелки, од кои околу 20 само во текот на летните месеци, состојба која бриселскиот јавен обвинител Жилиен Моанел ја оцени како „алармантен тренд“.
Сепак, Хачисон смета дека нема потреба од голема паника.
– Овие инциденти не се случуваат таму каде што живеат и работат странските државни службеници. Тие се случуваат во некои делови од градот – во Андерлехт, Моленбек и на места како нив, изјави Хачисон во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“.
Тој признава дека во Брисел има пресметки меѓу организираните нарко криминални банди и проблем со дрогата, но нагласува дека тоа не е ексклузивна појава само за белгискиот главен град.
– Вакви проблеми имате и во Париз, во Рим, во Лондон и во сите големи градови, вели Хачинсон.
Според него, од разговорите со доселениците и странците во Брисел добил впечаток дека тие „воопшто не се загрижени“ поради ваквите инциденти.
– Во европскиот кварт, да чукнам во дрво, никогаш не сме мале ваков проблем и никогаш не сме слушнале никакви поплаки околу тоа. Имаме социјални гета, имаме културни гета во градот, но тоа го имате во сите градови, изјави Хачинсон, која ја извршува комесарската функција од 2014 година.
При вооружен инцидент во 2023 година од заскитан куршум беше ранет асистент на европратеник. Инцидентот се случи на популарната шопинг авенија во Порт де Намур во централното градско подрачје, надвор од „социјалните гета“ што ги посочи Хачинсон.