Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје поднесе кривична пријава против Д.С., на работно место полицаец во ПС – Чаир при СВР – Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од КЗ, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.
– Пријавениот полициски службеник како службено лице во просториите на Одделението за управни работи – Скопје, се потпишал и подигнал 11 лични карти и список-извештај за скенирани лични карти за лица кои живеат на станично подрачје на ПО – Мирковци во општина Чучер Сандево, по што со пропуштање на должен надзор над преземените лични карти, пријавениот не ги доставил во ПО – Мирковци за понатаму граѓаните да ги подигнат, ниту пак пријавил дека личните карти недостасуваат, со што на граѓаните им е причинета материјална штета и им го ограничил правото за користење, како и за навремено изготвување и подигање на личните карти, појаснија од МВР.
Како што истакнаа, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и да се отстрани од работното место – суспендира до завршување на дисциплинската постапка.