Израел „можеби ја добива војната“ во Газа, но губи „во светот на односите со јавноста“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју објавено вчера за конзервативното американско издание „Дејли Колер“, пренесуваат британските медиуми.
Трамп, како долгогодишен сојузник на Израел, ја призна промената во јавното мислење откако беше прашан за неодамнешното истражување на истражувачкиот центар Пју кое покажа пад на поддршката за Израел кај помладите републиканци.
„Да, свесен сум за тоа. Имам добра поддршка од Израел… никој не направил повеќе за Израел од мене, вклучувајќи ги и неодамнешните напади со Иран, кога го решивме… ако се вратите 20 години назад… Израел имаше најсилно лоби во Конгресот што некогаш сум го видел. Денес, нема толку силно лоби. Тоа е неверојатно“, рече Трамп.
Тој додаде дека ставовите во Вашингтон се менуваат и дека војната во Газа сериозно го оштетува имиџот на Израел во светот.
„Ќе мора да ја завршат таа војна. Тоа му штети на Израел. Нема сомнение за тоа. Можеби ја добиваат војната, но не го добиваат светот во односите со јавноста“, рече Трамп.
Трамп истакна дека некогаш било незамисливо политичарите да зборуваат против Израел, но сега тоа се променило.
„Имаше време кога не можеше да се зборува лошо, ако сакаше да бидеш политичар, не можеше да се зборува лошо за Израел. Но, денеска го имате AOC и уште три други, ги имате сите овие луди луѓе и тие навистина го променија тоа“, рече американскиот претседател.
Со осврт на „AOC плус три“, Трамп се осврна на демократските конгресменки Александра Окасио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Пресли и Рашида Тлаиб. Иако и некои републиканци, исто така, го критикуваа Израел во последните месеци.
Републиканската претставничка Марџори Тејлор Грин неодамна стана првата членка на неговата партија во Претставничкиот дом што го обвини Израел за „геноцид“ во Газа. Стив Бенон, поранешниот главен стратег на Трамп во Белата куќа, исто така тврдеше дека Израел не е вистински американски сојузник и дека кругот на премиерот Бенјамин Нетанјаху е несигурен.
Додека Израел продолжува со својата офанзива врз Појасот Газа, Меѓународното здружение на експерти за геноцид усвои резолуција во која се наведува дека се исполнети законските критериуми за прогласување на израелските дејствија за геноцид, изјави вчера претседателот на здружението. Резолуцијата беше поддржана од 86 проценти од оние што гласаа од вкупно 500 членови, а во неа се наведува: „Израелските политики и дејствија во Газа ја исполнуваат законската дефиниција за геноцид според Член II од Конвенцијата на Обединетите нации од 1948 година за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“.