Легендарната холивудска актерка Ким Новак (92) доби награда „Златен лав“ за животно дело на 82. Меѓународен филмски фестивал во Венеција.
Ова е нејзино прво големо јавно појавување по речиси десет години, а признанието ѝ беше врачено синоќа со долги овации. Наградата ѝ ја врачи познатиот режисер Гијермо дел Торо, чииот филм „Франкенштајн“ исто така имаше премиера на фестивалот.
– Длабоко сум трогната од ова признание. Да бидам препознаена за моето животно дело во оваа возраст е остварување на сон. Секој момент во Венеција ќе остане во моето срце, изјави Новак.
Истовремено, премиерно беше прикажан и нејзиниот биографски документарен филм „Kim Novak’s Vertigo“, кој бил долгогодишен проект на продуцентката и менаџерка Су Камерон.
– Сакав Ким повторно да ја доживее славата што некогаш ја имаше. Филмот е ремек-дело што ја прикажува вистинската Ким, со сите радости и трагедии од детството, рече Камерон.
Новак е најпозната по улогата во култниот психолошки трилер на Алфред Хичкок „Vertigo“ (1958), кој денес се смета за еден од најзначајните филмови во историјата на киното. Таа се повлече од Холивуд во 1980-тите и живее во Орегон.
Во интервју во 2021 година, Новак откри дека го напуштила Холивуд „за да преживее“, бидејќи чувствувала дека го губи својот идентитет.
Наградата во Венеција се смета за признание не само за нејзината актерска кариера, туку и за нејзината автентичност и доследност низ животот.