Општина Кочани доби уште еден независен кандидат за градоначалник. После Венко Крстевски, актуелен в.д. на таа функција, кандидатура поднесе и Зоран Тодоров, чие име беше спомнувано како можен кандидат за градоначалник на една од двете најголеми партии во државата.
Сепак, Тодоров, реши сам да настапи на локалните избори закажани за 19 октомври и ја поднесе својата кандидатура како независен.
Тој е повеќегодишен граѓански активист. Еден од основачите е на неколку организации и здруженија, меѓу кои Ротари клубот „Кочани-Виница“, „Воскресение“ и Одбор ,,За здрав живот“. Во моментов го раководи Центарот за солидарност ,,Сакам живот во Кочани”.
Зоран Тодоров е роден во 1978 година во Кочани, а по професија е економист.
Во Кочани поднесени се и две листи со независни кандидати за членови на идниот совет. Едната од Благица Сабовљевиќ Стојменова, другата од Аки Акиов, кој е дел од Советот на Општина Кочани во заминување.
ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во Кочани сеуште ги немаат соопштено имињата на своите кандидати за градоначалници со ќе настапат на 19 октомври.