Поранешната светски позната раперка Карди Б излезе како победник од граѓанската тужба за напад и телесни повреди, поднесена против неа од страна на Емани Елис. Помалку од еден час по совесното разгледување на случајот, поротата ја прогласи Карди Б за невина по сите точки од обвинението.
Судскиот процес траеше четири дена, а раперката сведочеше два дена, при што нејзините изјави често предизвикуваа смеа во судницата.
Елис ја тужеше Карди Б за 24 милиони долари, обвинувајќи ја за напад и нанесување емоционална вознемиреност по инцидент кој се случил во ходник пред ординација на гинеколог. Елис тврдеше дека за време на расправијата, раперката ја изгребала со долга вештачка ноктена надградба, оставајќи ѝ лузна на лицето.
„Се колнам во Бога, на смртна постела ќе кажам дека не ја допрев таа жена“, изјави Карди Б пред судот по објавувањето на пресудата. Таа додаде дека поради судењето го пропуштила првиот училишен ден на своите деца.
„Сакам да им се заблагодарам на моите адвокати, на поротниците, на судијата и на претставниците на печатот што беа со почит“, рече раперката.
Карди Б, чие вистинско име е Белкалис Марленис Алманзар, сведочеше дека никогаш не ја допрела, изгребала или плукнала обезбедувачката, за која сметала дека ја снима со мобилен телефон. Во моментот на инцидентот, на 24 февруари 2018 година, раперката била бремена во четвртиот месец.
Елис, која работела како обезбедување во зградата, сведочеше дека кога ја видела Карди Б како излегува од лифтот, била возбудена и извикала: „Леле, тоа е Карди Б!“. Според нејзината верзија, раперката се свртела кон неа и ѝ рекла: „Зошто им кажуваш на луѓето дека си ме видела?“, по што ја обвинила дека се обидува да ја шири веста за нејзиното присуство во ординацијата.
Елис тврдеше дека Карди Б ја пцуела, ја нарекувала со погрдни имиња и со расистички навреди, ѝ се заканувала дека ќе ѝ ја уништи кариерата, ѝ го навредила изгледот и дека на крајот ја плукнала и ја изгребала по лицето.
Сепак, поротата ѝ поверува на верзијата на Карди Б, според која Елис била таа што прва започнала со агресија. Раперката изјави дека се судриле гради в гради и размениле навредливи зборови, но дека не дошло до физички контакт.
„Си помислив, ‘Леле, девојката е крупна!’… ‘Проклетство, што ќе правам сега?’“, сведочеше раперката, додавајќи дека била висока 160 сантиметри и тешка 59 килограми, а во моментот на инцидентот била и бремена.
Тиера Малколм, која работи кај докторот Дејвид Финке, сведочеше дека ја видела Елис како ја притиска раперката во агол, а кога се обидела да ги раздвои, обезбедувачката ја удрила по челото. Докторот Финке потврди дека Елис била таа што ѝ нанела повреда на неговата вработена. Двајцата сведоци изјавија дека не виделе Карди Б да ја удри Елис.
Адвокатот на Карди Б, Питер Андерсон, истакна дека доказите јасно покажуваат дека неговата клиентка само викала и пцуела, но дека „тоа не е нешто за што може да се тужи некој“.
Според него, Елис не пријавила инцидент во полиција, не побарала итна медицинска помош и не користела ниту фластер за „гребаницата“, туку отишла дома и се одморила.
Редакција Фронтлајн