Денеска блесна огромниот паркинг во реонски центар Аеродром од ПСС до „Жито маркетот“. Немаше ѓубре, отстранети беа сите хаварисани возила кои со години се „печеа“ на сонцето. Паркингот свежо измиен за да ги дочека високите гости кои присуствуваа на поставувањето камен-темелник на маркетот „Лидл“, пишува Независен.
Аеродромци се најдоа навредени од ваквата ажурност на општината, па на социјалните медиуми споделија фотографија.
Ние како граѓани 4 години бараме дислокација на хаварисаните возила, бараме да се собере сметот во овој дел од паркиралиштата, бараме да се реши состојбата со дивите продавачи и Општина Аеродром на сето тоа немаше никаква волја за решение.
Со ова денес Општина Аеродром покажа дека го гази достоинството на граѓанинот од кој црпи средства и функционира, и очигледно приоритет и се поединци и бизнис интереси, а не за граѓаните од кои добива легитимитет“, пишува во Фејсбук групата „Ново Лисиче“.
Во последниот период ова не се случува првпат. Имено, на крајот на јуни, кога министерот за култура Зоран Љутков присуствуваше на презентацијата на мултимедијалниот центар во Ново Лисиче, од спротивната страна на денешниов настан, исто така, беше исчистен паркингот и приодните патеки, кои вообичаено се полни со ѓубре. Иако, мора да се нагласи дека министерот го донесоа со автомобил до скалите, за да не мора да ги исчистат контејнерите, кои редовно се преполни и од кои секогаш нешто истекува, токму на патеката која води преку паркингот.
Жителите на Ново Лисиче постојано апелираат за неодржувањето на околината, но освен кампањски акции за чистење, општината досега не ги слушнала нивните повици за редовно да работи на одржување на паркинзите, зеленилото и чистотата.