Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, денеска на прес-конференција вети конкретен план за решавање на проблемот со Вардариште, кој, како што рече, со години ги гуши скопјани.
„Граѓаните вчера на протест јасно порачаа: доста е со труењето од Вардариште. Наместо празни зборови, бараат конкретни но итни решенија. Вчера повторно мирисаше на чад во домовите на граѓаните од тие општини. Чадот и смрдеата ги гушат жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Маџари и Автокоманда,“ истакна Шукова.
Таа го обвини противкандидатот Орце Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, „срамна изборна манипулација“.
„Орце Ѓоргиевски ги потценува овие граѓани. Неговото наводно решение за парк е навреда за сите што протестираат и секојдневно се трујат. Орце ќе го претвори Вардариште во парк онолку колку што го ‘дислоцираше’ Центарот за зависници од Кисела Вода,“ порача таа.
Шукова го претстави планот на СДСМ за справување со депонијата во две фази.
„Во првата фаза, во рок од 45 дена ќе воспоставиме систем за спречување на палењето на депонијата, ќе ја оградиме локацијата, ќе обезбедиме 24-часовна физичка контрола и ќе поставиме систем за видео надзор,“ изјави таа.
Втората фаза, според кандидатката, подразбира среднорочни и долгорочни решенија.
„Ќе изградиме современа претоварна станица и целосно ќе ја санираме контаминираната локација. Ќе воспоставиме систем за управување со отпад – од собирање до финално депонирање во Дрисла, со задолжителна селекција. Ќе ја обновиме механизацијата и ќе воведеме постојан мониторинг според највисоки еколошки стандарди,“ нагласи Шукова.
Таа порача дека „се друго се бајки и приказни на ВМРО-ДПМНЕ“ и додаде:
„Скопје нема време за нови лаги. Скопјани не смее да се трујат заради кампањата на Ѓорѓиевски. Јас гарантирам: ќе ставиме крај на труењето, ќе обезбедиме здравје за сите и ќе изградиме град по европски стандарди.“