Моделот на Јужна Кореја за завршување на војната во Украина е можен, но не ги задоволува безбедносните потреби на Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју за француското издание Le Point, пренесува Укринформ.
„Јужна Кореја е пример за триумф на вредностите. Нејзиниот развој не може да се спореди со оној на Северна Кореја, која претрпе вистински економски и цивилизациски пад. Јужна Кореја направи огромен исчекор во цивилизацијата, технологијата и економијата затоа што го негува хуманизмот. Тоа е најважното за една земја – мора да се фокусирате на луѓето“, нагласи Зеленски.
Според него, иако завршување на војната по „корејски модел“ е замисливо за Украина, заканата што ја претставува Северна Кореја не може да се спореди со онаа од Русија, а Јужна Кореја има значително посилни безбедносни гаранции.
„Сè е можно, но мора да признаеме дека Јужна Кореја има голем сојузник – САД. И верувајте, тие имаат бројни системи за противвоздушна одбрана кои ја гарантираат нивната безбедност. Искрено, Украина се стреми да добие сигурни безбедносни гаранции, како што се системите Patriot што ги има Јужна Кореја. Но оваа споредба има свои граници: населението на Северна Кореја е нешто над 20 милиони, додека Русија има повеќе од 140 милиони жители. Заканите од Русија се пет, шест, па дури и десет пати поголеми. Затоа точна реплика на корејскиот модел веројатно нема да одговара на безбедносните потреби на Украина“, изјави Зеленски, додавајќи дека многу го цени економскиот модел на Јужна Кореја.
Како што беше претходно објавено, според советник на францускиот претседател Емануел Макрон, примирје како дел од мировен договор е можно – доколку Украина добие силни безбедносни гаранции.
Д.Мишев / Цивил Медиа